Харви го поплави Хјустон, најлошото се очекува

Откако го опустоши брегот на американската сојузна држава Тексас и усмрти најмалку две лица, тропската бура Харви ја поплави внатрешноста на државата, па така и најголемиот тексашки град Хјустон чијшто градоначалник извести дека ангажирал уште 40 чамци за спасување на населението од потопените куќи и сообраќајници, а следната седмица е најавено доаѓањето на претседателот Доналд Трамп.

Примени биле повеќе од две илјади повици од лица кои барале да бидат спасен од домовите и возилата, изјави градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер на прес-конференцијата, Додаде дека се спроведува евакуација на две станбени згради и ги повика жителите „да не излегуваат на улиците и патиштата“ сѐ додека не мине бурата.

Телевизијата CNN известува дека илјада луѓе се спасени од домовите и од возилата, а оти илјадници корисници се без електрична енергија во Хјустон.

Два нови центри за прифаќање на загрозеното населени, а еден од нив во конгресниот центар во Хјустон, ќе бидат подготвени за настраданите во поплавите. Автобускиот сообраќај во третиот по големина град во САД привремено е во прекин.

„Ситуацијата е тешка, а ќе биде уште потешка“, предупреди гувернерот на Тексас, Грег Абот за Fox News Sunday, истакнувајќи дека штетата би можела да се пресмета во „милијарди долари“. Не сакал ништо да каже за човечки жртви, имајќи предвид дека спасувачките екипи не успеале да дојдат до сите настрадани подрачја. Засега според официјалните податоци има две жртви, додека некои локални медиуми јавуваат за тројца загинати, десетици исчезнати и повредени.

На подрачјето на Хјустон/Галвенстон во последните 24 часа наврнале повеќе од 60 сантиметри дожд, извести метеоролошката служба. Нејзината канцеларија во Хјустон предупредува дека „катастрофалните поплави ќе се прошират и може да достигнат историски димензии“.

Аеродромот „Хоби“, вториот по големина во Хјустон, е затворен бидејќи пистите се под вода. Во најголемиот аеродром „Џорџ Буш Интернешнел“ откажани се повеќе летови. Властите во овој град со 2,3 милиони жители ги повикаа жителите да останат во домовите, бидејќи на улиците има вистински порои.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата дека во Тексас ќе допатува за областите коишто ги разори Харви, дури откако ситуацијата ќе биде таква што неговата посета нема да претставува товар за спасувачките операции.

„Ќе заминам во Тексас штом патувањето ќе биде можно, а не да го отежнувам работењето на службите. Потребно е концентрација на животот и сигурноста“, објави Трамп на Twitter.

Белата куќа објави во петокот дека претседателот ќе ги посети настраданите подрачја веднаш штом тоа ќе биде моќно следната седмица.