Хасани: И двојно да им се зголеми платата на здравствените работници е малку

Заменикот министер за здравство доц. д-р Илир Хасани, вечерва во гостувањето на телевизија 24 изјави дека сите промени во Законот на заштита на населението од заразни болести се од итен карактер и треба што побрзо да се донесат поради општото добро.
Тој потенцираше дека на денешната седница, Владата ги усвои предлозите кои Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ги предложи со цел спречување на ширење на ковид-19 вирусот.
На 13. владина седница, прифатени се препораките за ограничување на работното време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен за оние што вршат испорака, како и ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.
Исто така, прифатена е препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или  редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.
Заменикот министер Хасани јавно се заблагодари до сите медиуми во однос на информирањето на граѓаните за ковид-19 кризата.
„Сакам јавно да се заблагодарам до сите медиуми, до вас и до сите други медиуми кои се борат заедно со сите нас во оваа тешка борба против еден непријател којшто за нас е многу непознат. Медиумите имаат многу важна улога во овој процес на убедување на луѓето за мерките кои треба да се почитуваат“, изјави Хасани.
Тој потенцираше дека нема пари што може да ја платат посветеноста на здравствените работници што работат со пациентите заразени од коронавирус.

„Двојно да им се зголеми платата е малку. Нема пари што може да ја платат таа посветеност што здравствените работници ја прават внатре. И здравствените работници кои се наоѓаат во ковид единиците тие се свесни дека ова не се плаќа во пари. Тие се борат со животите на луѓето и максимум се исцрпуваат за да им помогнат на луѓето. Генерално, лично мислам дека треба да се најде начин вработените во инфективната клиника и другите инфективни одделенија во цела држава кои се соочуваат со овој непријател достинствено да се наградуваат“, рече заменикот Хасани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.