Хеликоптерите ќе полнат керозин во Штип

Керозинот од Скопје ќе се пренесува во Штип, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција, додавајќи дека оваа активност е посложена, поради тоа што се работи за исклучително запалива течност.

– Намерата е во текот на денешниот ден керозинот да биде сместен во касарната во Штип, каде ќе биде на безбедно. Српските хеликоптери кои се со помал резервоар ќе можат да полнат гориво во штипската касарна, а со тоа ќе ја зголемиме нивната ефикасност. Доколку има потреба во текот на денот да ги ангажираме на друго место, имаме можност да ја однесеме цистерната на друго место. Намерата ни е да се скрати времето на полнење на гориво, а со тоа да се зголеми ефикасноста на хеликоптерите – рече Ангелов.

Од ЦУК известуваат дека сè уште се активни пожарите во Делчевски Балабан и Курачка Маала, како и во Пехчево, во Бајаз Тепе, а пожарот се движи кон Робово, Умлена и Чифлик со интензивно дејство кон Срника, пожарот се префрла од планината Разловци кон планината Голак.

Активен пожар има во Беровско, во селото Умрлена, како и во Пехчевскиот и Делчевскиот регион, каде гори во селата Мачево и Робово.

Синоќешниот пожар во Св. Николе, на Богословскиот Рид, кој се движеше во правецот на Штип, во голем дел е саниран, но поради југозападниот ветер се движи кон селото Дарвинци, пешадија од АРМ е веќе испратена како дополнителна сила.

Во Прилепско, во селата Топлица, Ракле и Никодин, пожарот е под контрола, како и пожарот во Дрен и Смолане.

Во општина Куманово, во село Бељаковце има активен пожар и таму се испратени на помош 80 луѓе од АРМ.

Во општините Ранковце и Крива Паланка, веќе два дена има активен пожар во селото Гулинци.

Во валандовската месност наречена Богона постои активен пожар.

Во текот на вчерашниот ден во Скопје беа активни 18 пожари, од кои е останат само пожарот во Сарај, кој се спуштил од тетовскиот регион. Во еден момент беше зафатен и дел од Јасен, но пределот е под контрола.

Пожарот во селата Косел и Расино, во Охридско е комплетно локализиран. Синоќешниот пожар во Велешко е локализиран, како и во Кавадарци каде за сега состојбата е стабилна.

Во изработка е и барање до ЕВН да ги проверат нивните жици, бидејќи во неколку случаи е утврдено дека пожарот е настанат од искрење на бандери или далeководи. Онаму каде има лабави жици, од ЦУК апелираат, граѓаните веднаш да пријават, а ЕВН да се обидат да реагираат и да преземат мерки на сите оние места кои се пријавени.

Еден од пожарите настанати поради искрење на бандера е пожарот кој настана во Богословец, за што има и сведоци.