Хезболах тврди дека ракетирал израелска разузнавачка база

Либанското шиитско движење Хезболах ја презеде одговорноста за ракетниот напад во саботата во мугрите врз база на израелската воена разузнавачка служба неалеку од Тел Авив во централен Израел.

Ноќта кон саботата борците на Хезболах „истрелаа салва ракети врз базата Глилот, воена разузнавачка единица во предградијата на Тел Авив“, соопшти движењето поддржано од Иран.

По една година размена на оган во јужен Либан, кој Хезболах го нарече „фронт за поддршка“ отворен во знак на солидарност со палестинското движење Хамас во Газа, конфликтот на Израел со Хезболах се претвори во отворена војна на 23-ти септември.

Израел врши воздушни напади врз упориштата на Хезболах во јужен Либан и во јужниот дел на Бејрут – Дахије, како и копнени упади на територијата што ја држи Хезболах. Хезболах го гаѓа Израел секој ден, и воени бази и урбани, цивилни центри на северот на Израел. Хезболах објави дека во саботата истрелал ракети на повеќе места на северот на Израел, особено во областа на градот Сафед.

Израелската армија во саботата ране претпладнето соопшти дека нападот сѐ уште трае.

Деветнаесет луѓе во централниот израелски регион Шарон се повредени, соопшти израелската полиција, откако војската соопшти дека три проектили биле истрелани од Либан кон израелска територија рано во саботата.