Хитлер и воената хунта се идолите на Златна зора

Неонацистичката партија Златна зора досега се залагаше за една и иста идеологија, а нејзини идоли се Адолф Хитлер и неговиот нацистички режим во Германија во Втората светска војна, диктаторскиот режим на воената хунта од 1967 година во Грција и негирањето на парламентаризмот и демократијата, пишува весникот „Вима“, како заклучок врз основа на истражувањата на грчките истражни органи, разгледувајќи ги криминалните активности на оваа партија.

Девет од вкупно 18 пратеници на Златна зора на крајот на минатиот месец беа изнесени пред лицето на правдата за да им бидат покренати обвиненија за учество во криминална група.

Двајца грчки истражувачи ги искористиле токму овие причини, за да го отфрлат барањето за ослободување на лидерот на Златна зора, Никос Михалолиакос, кој исто така е зад решетки .

Тие се потпираа и на изјави, искажани пред парламентот од пратениците на оваа партија: „Вие велите дека демократијата во Грција била воспоставена во 1974 година, ние сепак велиме дека таа е воспоставена во 1967 година“.

Лидерот на грчките неонацисти Никос Михалолиакос е обвинет дека носи целосна одговорност за тоа што целосно ги контролирал криминалните активности на оваа партија и дека ги дефинирал нејзините принципи и средствата за дејствување на членовите на Златна зора. Двајцата истржувачи, проценија уште дека ако Михалолиакос биде пуштен на слобода, постои опасност тој да продолжи да ја врши истата криминална активност.

Весникот „Вима“ пишува дека вкупниот број на обвинетите во врска со криминалните активности на Златна зора веќе изнесува 46 лица. Истрагата против партијата започна по убиството во септември на раперот антифашист, Павлос Фисос, за што беше обвинет активист на партијата.

Златна зора ги повика своите поддржувачи на митинг во Атина, на седми декември, за да побараат ослободување од притвор на лидерот на партијата, Михалолиакос. Се планира демонстрантите да се соберат на плоштадот „Синтагма“ во 19 часот, а потоа да се упатат во поворка до зградата на Министерството за правда.

Партијата Златна зора освои седум отсто од гласовите на парламентарните избори во 2012 година. Во моментов таа е трета најпопуларна партија во Грција, со поддршка од околу десет отсто од вкупното население во земјата.