„Хјусон“ ја врати предноста на домашен терен

Кошаркарите на „Хјустон“ ја искористија предноста на домашен терен и славеа со 98:94 против „Голден стејт“ за водство од 3:2 во финалето од доигрувањето на Западната конференција. Екипата од Тексас веќе во наредниот меч кај актуелниот шампион ќе може да обезбеди пласман во големото финале на НБА лигата ако повторно, втор пат во низа, го победи „Голден Стејт“ на гостински терен.

„Хјустон“ подобро го отвори натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме имаше предност од +11, но завршницата на втората четвртина им припадна на гостите кои стигнаа до изедначување 45:45, резултат со кој се замина на полувремето.

„Голден Стејт“ до првото водство стигна во вториот дел, но тогаш се разигра Крис Пол кој го врати „Хјустон“ во водство, слично како и на претходниот натпревар. Во првиот дел најдобар кај гостите беше Клеј Томпсон, додека на почетокот на третата четвртина Стеф Кари промашуваше шутеви кои обично ги погодува. Сепак, и во третата четвртина имаше  целосно изедначен меч, но „Вориорси“ пред одлучувачките 12 минути имаа предност од 72:71.

Но „Рокетс“ беа за нијанса подобри во завршната четвртина каде во последните минути најчесто се шутираа слободни фрлања, а по изгубената топка на Дрејмонд Грин „Хјустон“ го постигна конечниот резултат 98:94.

Ерик Гордон го предвеше „Хјустон“ со 24 поени, следеше Крис Пол 20 поени, седум скокови и шест асистенции. Џејмс Харден уфрли 19 поени, но со шут за три 0-11. Младиот центар од Шавјцарија, Клинт Капела забележа дабл-дабл со 12 поени и 14 скокови.

Кај „Вориорси“ најдобар беше Кевин Дурант со 29 поени, Клеј Томпсон постигна 23, а Стеф Кари еден помалку. Дрејмонд Грин имаше 12 поени и 15 скокови.

Наредниот натпревар се игра во сабота во Оукленд, а проблем за „Хјустон“ би можела да биде повредата на Крис Пол во финишот од натпреварот, па не е познато дали поради нејзе ќе го пропушти мечот.