Хоџај: Односите Косово – Америка на најниско ниво досега

Косовскиот вицепремиер и член на државната делегација за преговори со Србија, Енвер Хоџај изрази денеска вознемиреност поради, како што вели, „најниското ниво на односи“ меѓу Косово и Соединетите Американски Држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоџај во објава на Фејсбук, по денешната средба на косовскиот преговарачки тим со претставниците на американскиот Национален совет за безбедност, кои престојуваат во дводневна посета на Косово, порача дека Приштина мора да го исполни барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Тој ја оцени како одлична средбата со двајцата високи претставници на американскиот Совет за безбедност, Џон Ерат и Бред Беркли, но порача дека косовските институции треба да се замислат „во однос на добронамерното американско барање за суспендирање на такста и за отворање на можноста за постигнување договор (меѓу Косово и Србија) во текот на оваа година“.

– Добивме уверување за американската посветеност за тоа процесот на дијалогот со Србија да се заокружи со меѓусебно признавање и зачленување на Косово во Обединетите нации. Последен момент е ние како носители на косовските институции да рефлектираме во однос на добронамерното американско барање за суспендирање на такста и за отворање на можноста за постигнување договор во текот на оваа година. Во овие 15 години од моето искуство во политиката, за жал, се наоѓаме на најниската точка на односи Косово – САД и ова треба да е загрижувачко за косовската политика и општество, напиша Хоџај.

Порнешниот шеф на косовската дипломатија порача дека Косово „никогаш не смее да ги стави под знак прашање поддршката од Америка и партнерството со неа“.

Високите претставници на Националниот совет за безбедност на САД, Ерат и Бредли, од вчера престојуваат во Приштина, каде допатуваа по дводневната посета на Белград. Целта, како што објавија, е да помогнат во деблокирање на дијалогот за изноѓање конечно решение за споровите меѓу Косово и Србија. Во Приштина тие го повторија барањето на Вашингтон до Владата на Рамуш Харадинај да ја суспендира таксата на увозот од Србија, но косовскиот премиер останува упорен на ставот дека санкциите ќе ги укине тогаш кога Белград ќе ја признае косовската држава во нејзините сегашни граници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.