Холандска поддршка за набавка на тестови за коронавирусот развиени од Меѓународната агенција за атомска енергија

Холандија ќе даде поддршка за Mакедонија преку набавка на тестови за коронавирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Светската здравствена организација.

Како што соопштија од Холандската амбасада, се очекува тестовите да пристигнат во државата во наредните неколку дена. Тестовите се базираат на технологијата позната како реверзно транскрипциона полимеразна верижна реакција (real time RT-PCR), во моментов најсензитивната метода за детектирање на вирусот. МААЕ има опширно искуство во пренесувањето на знаење и на материјали. Технологијата користена за овие тестови е првично воспоставена за потребите на ветеринарниот сектор заедно со Организацијата за храна и земјоделство, а потоа доразвиена и искористена во рамките на справувањето со епидемиите на ЗИКА и ебола.

-Запирањето на пандемијата на коронавирус е од општ интерес за човештвото. Треба да работиме заеднички на глобално ниво за да ја ставиме под контрола , изјави холандскиот Министер за надворешни работи Стеф Блок.

Вкупната холандска поддршка за тестовите за коронавирус од МААЕ кои ќе бидат дистрибуирани во Северна Македонија, Украина и Мароко изнесува 500.000 евра, наведуваат од Амбасадата на Холандија.