Холандската дипломатија се извини по критиките за „институциски расизам“

Холандското министерство за надворешни работи се извини по извештајот во кој е критикувано за институциски расизам затоа што некои тамошни вработени се нарекувани „мајмуни“ или се отстранети од работата поради бојата на кожата.

Независниот извештај кој го нарачало движењето Black Lives Matter (Животите на црнците вредат) открило дека вработените со темна боја на кожата неретко се чувствуваат исклучени и занемарени од колегите белци.

Во текстот се истакнува дека често биле изложени на „вербална агресија“ слушајќи како другите ги оцрнуваат луѓето поради бојата на кожата, религијата и потеклото, иако „главно лично не биле злоставувани“.

Одреден број од вработените, се наведува натаму во извештајот, рекле дека колегите „повеќепати биле нарекувани ‘мајмуни’ и ‘бокитоси’“, како што се нарекувале горилата кои во 2007 година побегнале од една холандска зоолошка градина. Другите, пак, нарекувале „црнчуги“ и „крампуси“, се додава во извештајот.

„Еден од вработените ги опишал африканските земји како ‘земји на мајмуните’“, се додава во документот составен врз основа на интервјуа со 33 лица и дебатни групи со вкупно 47 лица.

Меѓу нив биле вработени на министерството „бикултуралци“ кои работат во Холандија и во странство, како и персонал на амбасади и издвоени вработени белци, се додава.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра изјави дека извештајот е „болен и неверојатен“.

„Тоа што некои колеги во министерството и во дипломатските претставништва во светот го доживеале е неприфатливо и искрено ме трогнува“, напиша Хоекстра на Twitter.

Во извештајот натаму се истакнува дека резултатите „го наметнаа прашањето дали постои институциски расизам“ и се заклучува „Мислиме дека постои“.

Холандија долги години се промовираше како либерално и мултикултурално општество, но земјата последните години е критикувана од страна на активистичките групи поради нејзиното минато како колонијална сила и поради ропството.

Холандските медиуми пренесоа дека владата планира до крајот на месецот официјално да се извини за ропството, што наиде на остра критики, откако активистите кои ги претставуваат поранешните колонии изјавија дека никој не ги прашал за мислење.