Холандската полиција уапси маж кој продавал 12 милијарди украдени лозинки

Холандската полиција уапсила 22-годишен маж осомничен за кражба и продажба на 12 милијарди украдени лозинки и кодови за пристапување.

Споменатите податоци можело да бидат „симнати“ по извршено плаќање, објави во петокот полицијата во холандскиот град Арнхем. Не се прецизира за кој точно тип податоци станува збор, ниту кој сѐ е погоден од тоа, со наведување дека истрагата сѐ уште е во тек.

Холандската истрага тесно соработувала во овој случај со германските, британските и американските власти. Следејќи ја трагата на британските колеги, холандските кибернетички експерти успеале да го откријат и лоцираат осомничениот на истокот од земјата.

Полицијата конфискувала професионална опрема пронајдена при претресите на два стана. Со користењето на оваа опрема податоците биле достапни преку интернет страницата WeLeakInfo. Оваа страница во меѓувреме ја згаснало американското Федерално биро за истраги (FBI).