Холандската влада пред суд за испорака на делови од воени авиони на Израел

Група здруженија за човекови права поднесоа тужба против холандската влада, тврдејќи дека таа е соодговорна за воените злосторства во палестинската енклава Појас Газа поради извозот на делови за американските воени авиони за Израел.

„Израел ги игнорира фундаменталните принципи на законите за војување, како што е разликување меѓу воените и цивилните цели и принципот на пропорционалноста“, напишаа групите, вклучително и холандските ограноци на меѓународните организации Аmnesty International и Oxfam, во тужбата поднесена до Окружниот суд во Хаг.

Израел ги отфрла обвинувањата дека извршил воени злосторства, нагласувајќи дека израелските вооружени сили го почитуваат меѓународното право во борбата против палестинските милитанти кои дејствуваат според нив во густо населените области.

Повеќе од 15.400 жители на Газа, од кои повеќе од шест илјади се деца, се убиени од почетокот на вооружениот конфликт на 7 октомври до неделата, според Палестинското биро за статистика. Во упадот на Хамас во Израел загинаа 1.200 Израелци од кои 900 цивили, а најмногу 240 беа однесени во заложништво во Газа.

Холандија е седиште на регионален магацин на делови за американски воени авиони „F-35“ кои можат да бидат испратени во други земји партнери во програмата „F-35“, потсетува агенцијата Reuters.

Неколку седмици по нападот на палестинскиот Хамас врз Израел, холандската влада одобри испорака на резервни делови за авионите „F-35“ на израелските воздухопловни сили, покажуваат владините документи. Извозот е контролиран од холандското Министерство за одбрана, кое одби да ја коментира тужбата. Во писмото до парламентот минатата седмицата Министерството навело дека, според тогашните информации, „не може да се тврди дека ‘F-35’ учествувале во сериозно кршење на хуманитарните принципи на војување“.

Судот во текот на денот ќе одржи рочиште, а пресудата треба да ја соопшти за две седмици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.