Холандскиот крал може да престане да ја користи кочијата зашто го славела колонијалното минато

Холандскиот крал Вилем-Александер би можел да престане да ја користи церемонијалната кочија на која се претставени призори кои ја слават некогашната холандска власт над колониите, изјави во петокот по сѐ позачестените критики за „Златната кочија“.

Позлатената дрвена кочија е изработена во 1898 година а на едната страна е украсена со плочата наречена „Данокот на колониите“ на којашто се прикажани црни и азиски поданици како носат дарови на бела жена на трон која претставува Холанѓанка.

Премиерот Марк Руте претходно во јуни рече дека е свесен оти кочијата, којашто е на реставрирање од 2015 година, „побудува чуствства“, но и додаде дека „сето тоа е дел од нашата историја“.

Кочијата, заедно со статуите на морепловците од периодот на холандскиот „златен“ XVII век, стана жешка тема на дискусии по протестите на движењето „Црните животи се важни“.

„Ја следиме дискусијата. Ја слушам. Сѐ додека во Холандија постои имлицитна и експлицитна дискриминација, мораме тоа да го решаваме како општество“, изјави кралот Вилем-Александер на годишната средба со медиуми кога членовите на кралското семејство позираат за слики.

Кочијата традиционално го превезува кралот на обраќањето во парламентот секој септември, но вон употреба би трабло да биде до 2021 година.

Кралот рече дека во текот на поправката и обновувањето нема да бара промена декорација.

„Тоа е дел од нашето културно наследство, така што во реставрацијата нема да ја менуваме историјата. Ќе видиме кога ќе биде завршена реставрацијата“, додаде холандскиот крал.