Холандскиот премиер ја повикува ЕУ да се обедини против Трамп

Холандскиот премиер Марк Руте ја повика во средата Европската унија на единство пред „заканите за светскиот поредок“ коишто „доаѓаат од Русија и САД“.

„Дури и нашиот однос со најважниот сојузник не оди повеќе како во минатот“, изјави холандскиот премиер Марк Руте во својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур.

Потсети притоа дека американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли Парискиот климатски договор и сеопфатниот меѓународен договор за иранската нуклеарна програма, како и дека воведе царини на увозот во САД на алуминиумот и челикот од Европската унија.

„Меѓутоа, секако, останува пријатели и сојузници“, додаде Руте кој беше повикан во Европскиот парламент да зборува за иднината на Европската унија, или како што во Брусел сакаат да кажат – за Европа.

Руте истакна дека поради безбедноста е важно да биде продолжен дијалогот со САД „без оглед на моменталните несогласувања“.

Во својот говор холандскиот премиер, исто така, ги повика државите членки на ЕУ да бидат подготвени на нов имигрантски бран, но рече дека е оптимист дека ќе биде постигнат договор за ова прашање на скорешниот самит на шефовите на држави и влади на земјите членки кон крајот на јуни.

„Правиме сѐ што можеме (за да се постигне договор), но работите не се едноставни“, рече Руте споменувајќи ги поделбите меѓу северот и југот, како и меѓу истокот и западот на ЕУ.