Холандскиот суд нареди да се прекине извозот на делови за авиони „F-35“ во Израел

Холандскиот апелационен суд во понеделникот ѝ нареди на холандската влада да го блокира целиот извоз на делови за борбени авиони „F-35“ во Израел во рок од седум дена, пишува Reuters.

„Неоспорно е дека постои јасен ризик извезените делови на Ф-35 да се користат за сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право“, истакна судот.

Тужбата против холандската влада беше покрената од неколку групи за човекови права, вклучително и холандскиот огранок на Oxfam, минатиот декември.

Понискиот суд претходно не ѝ нареди на холандската влада да го запре извозот, иако нведе дека најверојатно борбените авиони „F-35“ придонеле за прекршување на законите на војување. Судот, исто така, тогаш наведе дека земјата има голем степен на слобода кога ги мери политичките прашања при одлучувањето за извозот на оружје.

Ваквиот аргумент беше отфрлен од апелациониот суд, кој вели дека политичките и економските интереси не го надминуваат јасниот ризик од кршење на правилата на војувањето. Апелациониот суд, исто така, посочи дека е веројатно дека авионите „F-35“ биле користени во нападите врз Појасот Газа, што довело до неприфатливи цивилни жртви. Го отфрли истовремено и аргументот на холандската држава дека не мора да прави нова верификација на извозната дозвола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.