Холандските туристи масовно ја напуштаат Хрватска

По објавувањето на одлуката на нивната влада, која ја стави Хрватска на портокаловата листа поради коронавирусот, Холанѓаните од камповите на северот на Истра масовно ги спакуваа своите куфери и заминаа во средата пред полноќ.

Холандските туристи ќе го продолжат летниот годишен одмор во соседните земји, за по враќањето во Холандија да не би морале да се изолираат, наведува „Јутарњи лист“.

„Многу холандски туристи заминаа минатата ноќ, ми велат нашите членови. Се разбира, започна масовното откажување на сместувањето за следните датуми. Тоа е удар за истарскиот и хрватскиот туризам од сите страни, бидејќи Холанѓаните едвај на почетокот на јули започнаа полека да се враќаат, а првото големо пристигнување беше овој викенд“, рече директорот на Хрватското здружение за кампувања, Адријано Палман.

Имено, Холандија во вторникот ја стави Хрватска на портокаловата листа. Тоа го сторија заради зголемувањето на бројот на заразени лица во Хрватска, па нивната влада препорача да се самоизолираат по враќањето од Хрватска.

Хрватското здружение за туризам веќе апелираше до Министерството за надворешни работи и премиерот да се обидат да воспостават контакт со Холандија со цел да ги преземат сите мерки за да ја стават под контрола состојбата со епидемијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.