Холдингот на Илич од Детроит со милион долари помош за своите работници погодени од коронавирусот

Американската „Илич холдингс“, група компании од Детроит, Мичиген, управувана од семејство Американци со македонско потекло, донира еден милион долари помош за привремено ангажираните работници во бизнисите кои оваа компанија ги поседува, а се погодени од ширењето на коронавирусот во САД.

Се работи за такви компании како стадиони, спортски арени и кино сали, кои по наредба на властите се затворени за минимизација на последиците од смртоносниот вирус. Во овие компании привремено се ангажираат стотици работници како обезбедување, продавачи на карти, хигиеничари…

Во соопштение за јавноста, холдингот на Илич посочи дека иако спортските центри и кино театарот нема да работат во наредниот период, сите вработени кои требале да дојдат на работа, ќе ја добијат предвидената плата за цел месец.

-Во време на несигурност стоиме зад сите наши посветени и вредни колеги, и им обезбедуваме средства за нивна и сигурност на нивните семејства, се вели во соопштенито на компанијата објавено синоќа.

„Илич холдингс“ го поседува професионалниот хокеј тим Детроит ред вингс, бејзбол тимот Детроит тајгерс, зградата на кино театарот Фокс, една од најголемите во САД, каде е сместено и седиштето на компанијата.

Поради коронавирусот откажана е целата пролетна сезона на професионалната хокеј и НБА лигата во САД. Во многу сојузни држави откажани се настани и собири каде посетеноста е над 500 лица.

Семејсвото Илич е исто така сопственик на арената „Литл цизарс“, каде играат клубовите на Детроит ред вингс и НБА кошаркарите на Детроит Пистонс. Сопственици се и на брендот „Литл цизарс“, под кој работи еден од најголемите ланци за приготвување на италијански пици во САД.

Сопствениците на „Илич холдингс“, Мајк и Маријана Илич, се едни од најпознатите Американци со македонско потекло во САД, кои потекнуваат од Драгош, Битола и Буф, Егејска Македонија. Мајкл Илич почина во 2017 година по што управувањето на компанијата го презеде неговата сопруга.