Хорор во Грција: Маж убил млади родители и нивните бебиња затоа што му должеле за кирија

Грчкиот министер за цивилна заштита Такис ​​Теодорикакос ги соопшти деталите за злосторството што ја вознемири оваа земја.

Според медиумите во Грција, мајка (37), татко (32) и деца на возраст од три и две години во средата биле пронајдени мртви во нивниот дом во мало гратче на северозападот на полуостровот Пелопонез. Министерот рече дека 60-годишен маж ја признал одговорноста за убиството на брачната двојка и нивните две мали деца во грчкиот град Андравида бидејќи доцнеле со плаќање на киријата.

„Истрагата утврди дека родителите биле убиени со огнено оружје, додека децата биле задушени“, изјави Теодорикакос за државната телевизија ЕРТ.

Осомничениот бил приведен во петокот доцна навечер во пристанишниот град Патра, на околу 50 километри североисточно од Андравида, објави новинската агенција АНА, додека тој во саботата признал дека го извршил четирикратното убиство. Според медиумите, мажот уште на рана возраст покажувал знаци на насилство, екстремизам и расизам, а пример е тоа што на 15 години пукал во ногата на друг ученик.