Хоти: Мора да биде запрено пазарењето на Тачи со територијата на Косово

Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово, Авдула Хоти, му порача во понеделникот на косовскиот претседател Хашим Тачи дека „нема мандат да тргува со територијата на Косово“ и дека „секој што влегува во такви игри ќе сноси уставни и политички последици“.

Хоти на својата страница на  Facebook напиша дека косовскиот претседател нема уставен мандат да преговара за каква и да е корекција на границите, односно за размена на територии.

„Косово е едно и неделиво. Косовската територија не може да се изнесе на пазар. Претседателот Тачи треба да се запре. Претседателот Тачи нема уставен мандат за такви дејствија. Преговорите за територијата на Косово се противуставни и секој што влегува во такви игри ќе сноси уставни и политички последици“, напиша Хоти.

Нагласи дека неговата партија ќе се спротивстави на секој договор постигнат без мандат од Собранието и без широка согласност од релевантните политички и граѓански фактори.

„Мораме да ги усогласиме дејствијата во Собрание за да го спречиме доведувањето во прашање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово ос страна на претседателот“, напиша уште Хоти.

Реакцијата на шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија во Косово следи по повторното инсистирање на Тачи за, како што ја нарекува тој, „корекција на границите“ со Србија, односно за припојување кон Косово на Прешевската долина, за што се заложи и на политичкиот форум во австрискиот град Алпбах. Косовскиот претседател во оваа негова намера за промени на границите индиректно е поддржан и од неговиот српски колега Александа Вучиќ, кој овој процес го нарекува „разграничување со Косово“ и вели дека е „подобро Србија да добие нешто одошто ништо“.

Тачи, кому опозицијата во Косово му го оспорува мандатот за преговори со Србија бидејќи нема формална согласност од косовското Собрание, според најавите од Приштина, Белград и Брисел, ќе се сретне со Вучиќ во престолнината на Европската унијана 7-ми септември, со цел да ја започнат финалната фаза од преговорите за постигнување договор за стабилизација на односите меѓу Косово и Србија.