Хоти тврди дека ја има поддршката од косовските партии за дијалогот со Србија

Косовскиот премиер Авдулах Хоти по денешниот состанок на Форумот на политички партии, изјави дека добил целосна поддршка од партиите учеснички на Форумот за водењето на процесот на дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од владината служба за информирање се наведува дека Хоти ги информирал учесниците на Форумот за досегашниот тек на процесот на преговори со Србија, кој продолжи месецов, откако во ноември 2018 година беше прекинат поради таксата од 100 отсто, што тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај ја воведе на увозот од Србија и Босна и  Херцеговина.

„Сите претставници на политичките партии во земјата кои чествуваа на овој форум му дадоа целосна поддршка на премиерот Хоти и на Владата на Република Косово за процесот на дијалогот со Србија, се вели во владиното соопштение.

На денешната седница на Форумот присуствуваа претставници на партиите на косовските Албанци од владината коалиција – Демократскиот сојуз на Косово (LDК), Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива (Nisma) и Алијансата ново Косово (aKRР), но немаше ниту еден од партиските лидери. Поканата за учество на состанокот ја одбија двете најголеми опозициски партии, Движењето самоопределување (VV) и Демократската партија на Косово (PDК).

Продолжувањето на дијалогот, откако Хоти претходно во јуни годинава ги укина санкциите кон српскиот увоз, започна на 10 јули, со видео конференција на која учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Хозеп Борел, специјалниот посредник на ЕУ за дијалогот Приштина – Белград Мирослав Лајчак, ксоовскиот премиер Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

На 12 јули се одржа втората видео-конференција, со учество на Борел, Лајчак, Хоти и Вучиќ, додека првата директна средба на косовскиот премиер и српскиот претседател се одржа минатиот четврток, на 16 јули, во седиштето на Унијата во Брисел.

Хоти на денешниот состанок на Форумот на политичките партии нагласил дека дијалогот со Србија ќе биде транспарентен и Собранието на Косово, како и целата јавност ќе бидат запознаени со деталите од секоја средба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.