Хравтска е подготвена за воведување на еврото на 1 јануари

Хрватска ги задоволува конвергенциските критериуми и подготвена е да стане 20. членка на еврозоната од 1 јануари 2023, објави Европската комисија.

„Ѝ честитам на Хрватска! Денеска направи важен исчекор кон прифаќањето на нашата заедничка валута. Помалку од една деценија од влегувањето во ЕУ, Хрватска е подготвена да се придружи на еврозоната на 1 јануари“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека влегувањето во еврозоната ќе го направи хрватското стопанство уште посилно и ќе им донесе корист на граѓаните, претпријатијата и на општеството.

Европската централна банка и Европската комисија денеска го објавија новиот извештај за конвергенција, во кој се оценува напредокот на земјите-членки во исполнувањето на условите за воведување евро. Со него беа опфатени Бугарија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија и Шведска, додека Данска има трајно изземање од обврската за воведување евро.

Конечната одлука за приклучувањето на Хрватска кон еврозоната ќе биде донесена на 12 јули, кога ќе се утврди и дефинитивниот курс по кој куните ќе се менуваат за евра.