Христијанско американско гласило повика на импичмент на Трамп

Евангелиската заедница во САД, една од клучните христијански групи во земјата, преку своето гласило „Христијанство денес“, повика на отстранување на претседателот Доналд Трамп од власт поради „неморалност“, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Во редакциски осврт од уредникот Марк Гали во најновиот број на неделникот се вели дека барањето на Трамп до украинскиот претседател Володимир Зеленски да отвори истрага за негов политички ривал не е само противзаконски туку и неморален чин.

– Претседателот ја погази идејата за моралноста во неговата администрација. Вработи и отпушти повеќе луѓе кои сега се осудени криминалци. Самиот ги призна своите неморални дела во бизнисот и односите со жените, и со нив се гордее. Неговиот Твитер профил, низа од погрешни претстави, лаги и клевети, е чист пример на збунет и морално залутан човек, се вели во редакцискиот осврт.

Весникот „Христијанство денес“ е основан во 1956 година од Били Грем, познат американски евангелист, пастор и баптист, окарактеризиран како еден од највлијателните христијански проповедници на 20 век.

Евангелистите се една од најголемите христијански заедници во базата на конзервативното гласачко тело на Трамп. Критичниот осврт во нивното најважно гласило е лош знак за политичката иднина на американскиот претседател.

Во клучна дискусија и гласање за импичмент во Претставничкиот дом во средата, Трамп беше отповикан поради случајот со Украина. Тој сега се соочува со судење во Сенатот и можно отстранување од власт.

По повикот на „Христијанство денес“ за негов импичмент, претседателот се обиде да го ублажи ударот со етикети дека изданието станало „прогресивно“ гласило на „радикалната левица“ и дека „нема врска со семејството на Били Грем“.

– Ниту еден претседател нема направено толку многу за евангелиската заедница. Нема да добиете ништо од демократите. Не ве читам повеќе, напиша Трамп на Твитер.