Со ова што го прави власта само го задолжува секое семејство за дополнителни 500 евра или само дополнително им ги празни џебовите на граѓаните и тоа во услови кога се е поскапено, реше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Христова на собраниската седница за ребаланс на Буџетот за 2021 година.
„Сѐ е поскапено, тргнувајќи од основни намирници, па до даноци, а се воведуваат и нови даноци. Власта зборува за зголемување на плати, вработувања, а економската ситуација никогаш не била полоша“, констатираше пратеничката Христова.
Укажа на тоа дека во сите земји има инвестиции, сфера во којашто Македонија е на дното.
„За кои инвестиции зборувате? За 2020 во Македонија има само 274 милиони евра и е на дно во регионот, Србија има 3,44 милијарди евра, Хрватска има 1,3 милијарди, Албанија е со една милијарда евра. Реализација на капитални инвестиции исто е на катастрофално ниво и заклучно со мај годинава има реализација на само нешто повеќе од 20 проценти од планираните“, рече Христова.
Додаде дека единствено нешто што е реално е тоа што луѓето заминуваат од Македонија.
„Луѓето заминуваат затоа што не можат да го поминат месецот со ниски плати и високи даноци. Има само низа лаги дека овој ребаланс е продуктивен и развоен“, рече Христова.