Хрватка осудена бидејќи ги озборувала соседите низ село

Општинскиот суд на хрватскиот град Бјеловар ја осуди за виновна 56-годишната Марица обвинета дека ги наклеветила низ селото нејзините соседи. Бизарната пресудата за озборување предизвика широк интерес во регионот.

Марица е осудена на парична казна од 5.000 куни, околу 700 евра, која не мора да ја плати доколку повторно не го изврши делото во рок од една година. Сепак на нејзин товар паѓаат сите трошоци од судската постапка.

Како што соопштуваат хрватските медиуми, во текот на постапката биле изведени бројни докази, била спроведена ревизија на сметките од продавниците каде пазарела Марица, било спроведено медицинско вештачење врз обвинетата и тужителите, а и биле испитани и седум сведоци.

Тужители биле наклеветените соседи, брачниот пар Ивана и Лили, кои живеат во нејзина близина. Судот утврдил дека Марица во дворот на друг сосед пред повеќе луѓе изјавила дека нејзините соседи изгубиле контрола над себе, дека не се нормални и не знаат што прават. Потоа во локалниот колонијал пред повеќе луѓе изнела повеќе клевети за тужителите со што, според судот, нанела повреда врз нивната чест и углед.

Во својата одбрана Марица рекла дека никогаш не ги кажала тие зборови, дека не се дел од нејзиниот речник, но сведоците ги оспориле нејзините искази.