Хрватска денеска го презема претседавањето со Јадранско-јонската стратегија на ЕУ

Хрватска од денеска ќе го преземе претседавањето со Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион (EUSAIR), политичка рамка со 10 земји-учеснички, која првпат од нејзиното основање во 2014 година ќе се занимава со прекугранични социјални прашања.

Хрватска, која беше напуштена од 400.000 жители по влезот во ЕУ пред десет години, оваа тема ја иницираше со земји со иста демографска судбина.

Минатата недела во Сараево се одржа министерски форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион. Тоа е политичка рамка во која Европската комисија игра советодавна улога, а во неа учествуваат четири членки на Европската унија (Хрватска, Словенија, Италија и Грција) и БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Сан Марино.

Земјите на простор со 70 милиони жители моментално соработуваат во четири области: „Син раст“ (поврзан со морето), „Поврзување на регионот“ (изградба на автопати, гасоводи и патишта), „Квалитет на животната средина“ и „Одржлив туризам“.

Во иднина треба да соработуваат и на полето на социјалната заштита, што беше предлог на Хрватска кој беше прифатен од другите земји.

Земјите располагаат со 10 милиони евра од програмата на ЕУ, ИПА АДРИОН, за периодот од 2021 до 2027 година, така што дел од тие пари треба да се искористат за преквалификација на работниците, вклучување на постарите лица на пазарот на трудот, интеграција на пазарот на трудот за млади луѓе и други форми на обука и прекугранична размена на искуства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.