Хрватска ќе ни донира 10.000 вакцини „Астра Зенека“

Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека има најава оти утре (петок) ќе стигнат 10.000 вакцини на „Астра Зенека“, што се донација од Хрватска. Според Филипче, во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10.000 вакцини „Спутник“ од Русија.

Филипче вели дека вакцините се безбедни и дека не постои шанса да се пушти во промет лек доколку за тоа нема одобрение од Агенцијата за лекови.

-Вчера се покрена едно прашање околу документацијата, дозволите итн. Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес – изјави Филипче.

Министерот истакна дека започнале да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против корона вирусот, но нагласи дека се уште нема цврст и јасен став околу тоа прашање.

-Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина – додаде тој.