Хрватска ги укинува ковид мерките, маски само во здравствени установи

Хрватска од утре на полноќ ги укинува сите мерки воведени против епидемијата на коронавирус, освен носењето маски во здравствените и социјалните установи кои даваат услуги за стари лица. Припадниците на Националниот штаб за цивилна заштита денеска на прес-конференција во Загреб соопштија дека нема забрана за влез во Хрватска и дека одлуката за преминување на границата останува на сила.

На граѓаните од земјите членки на ЕУ сè уште не им е потребен сертификат ковид за влез во Хрватска. Хрватскиот министер за здравство Вили Берош рече дека препорака е да се носат маски на места каде што има поголеми собири и во јавниот превоз. Тој рече дека, во моментов нема нови соеви на коронавирусот кои би можеле да го променат текот на епидемијата и дека вирусот „го изгубил потенцијалниот капацитет“.

– Старите и болните мора да размислуваат како да се заштитат, а тоа е најдобро да се направи со вакцината – рече Берош.

Во изминатите 24 часа во Хрватска корона вирусот е потврден кај 1.242 лица од 5.364 тестирани, а пријавени се шест смртни случаи. Бројот на активни случаи денеска е вкупно 8.641. Од нив 591 пациент се во болница, од кои 25 на респиратор.

Од почетокот на епидемијата, во Хрватска се евидентирани 1.106.557 лица заразени со корона вирусот, од кои 15.652 починале.