Хрватските пожарникари го гаснат пожарот кај Шибеник

Хрватските пожарникари се уште го гаснат пожарот што вчера избувна во близина на приморскиот град Шибеник, јави агенцијата Хина.

Во гаснењето се вклучени три канадери и уште три авиони „Ер Трактор“, повеќе од 50 пожарникари со 18 возила. Опожарени се околу сто хектари густа борова шума, соопшти регионалниот командир на противпожарната служба Дарко Дукиќ.

„Силните ветрови го отежнаа гаснењето, но сите загрозени објекти се обезбедени. Пламените јазици беа големи поради густите борови шуми, а високата температура што се разви го отежнуваше пристапот на пожарникарите“, додаде Дукиќ.

Во меѓувреме локализиран е пожарот на островот Какан што зафати површина од околу три хектари, извести Хрватската противпожарна служба.