Додека ВМРО-ДПМНЕ бара правен епилог, останува нејасна поврзаноста „СВ Инвест“-РЕК Битола

Иако неколкупати беа повикани да го истражат случајот, од Основното Јавно Обвинителство, барем засега, нема најава дека е покрената предистрага во врска со неколкуте тендери кои фирмата „СВ Инвест“ ги добива од РЕК Битола. Од Обвинителството за „Нетпрес“ информираа дека секој кој поседува докази за евентуално незаконско работење да ги достави до оваа институција, но оттаму не ја отфрлија можноста истрага да е веќе покрената, за што ќе се почека одговор од Обвинителството во Битола.

Да се отвори истрага повика и ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека спорната компанија поврзувана со братот на премиерот – Вице Заев, последниов период за три тендера добила над 2,4 милиони евра преку сомнителна процедура, но и РЕК Битола, кои пак тврдат дека преку истрагата ќе се докаже дека опозициската партија изнесува невистини.

Спрегата „СВ Инвест“ – РЕК Битола стана популарна во јавноста кога лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, минатата година обелодени фотографии и изрази сомнеж дека преку ископот на јаглен во РЕК Битола, пари заработува фирмата на Вице Заев „Тотал Инженеринг“, бидејќи со градежна механизација се јавувала како подизведувач, најмена од компанијата „СВ Инвест“, која пак го добила тендерот, во период кога на чело на РЕК е кадар на СДСМ, односно Васко Ковачевски.

РЕК Битола и „СВ Инвест“ веднаш ги демантираа овие тврдења, отфрлувајќи ги обвинувањата. Од битолската фирма истакнаа дека на тендерот учествувале само со работници, но не и со механизација и немале остварено никаков контакт со братот на премиерот. „Најодговорно тврдиме дека фирмите „СВ инвест“ и „Тотал Инженеринг“ од Струмица ниту некогаш работеле, ниту во моментов работат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК. Има неколку начини со кои многу лесно тоа може да се потврди“, пак тогаш нагласи генералниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, додавајќи дека носител на тендерот за ископот на јаглен е градежната компанија „Пелистер“.

Сепак, неодамна, нови сомнежи за можен криминал објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, наведувајќи дека „СВ Инвест“ добила тендер од околу 800 илјади евра за механизација за потребите на РЕК Битола и тоа затворајќи го Советот за јавни набавки, за договорот да може да се склучи во четири очи.

Фирмата СВ Инвест која беше поврзувана во тесни релации со братот на Зоран Заев, Вице Заев доби тендер во 4 очи, повторувам, тендер во 4 очи, помеѓу фирмата СВ Инвест и Васко Ковачевски како директор на РЕК Битола од редовите на СДСМ, за ангажирање на помошна механизација за потребите на РЕК Битола во вредност 53 милиони денари, односно над 800.000 евра, пари на граѓаните, вели Арсовски.

Не изостана демантот од РЕК Битола, од каде потенцираа надлежните институции да ги испитаат инсинуациите на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека постапката била извршена согласно законските начела.

Станува збор за отворена постапка која завршила со е-аукција – факт што автоматски ја исклучува можноста за преговори со заинтересираните економски оператори, односно во жаргонот на ВМРО – ДПМНЕ, за договор во четири очи. Условите и критериумите за набавка на услуга или стока, не ги пропишува Васко Ковачевски како директорот на Подружницата, туку Техничка комисија и Комисија за јавни набавки, составени од стручни лица вработени од РЕК Битола, а согласно потребите на комбинатот и согласно законските начела, соопштија од РЕК Битола.

Сепак, не изминаа ниту 24 часа, а портпаролот Арсовски веќе тргна во нова офанзива, критикувајќи дека „СВ Инвест“ и РЕК Битола склопиле и втор договор во четири очи, вреден исто така 800 илјади евра, овојпат за ископ на јаловина во Суводол.

По некоја случајност РЕК Битола неосновано и го раскинува договорот на фирма која работи со години претходно и новиот договор го добива фамозната фирмата СВ Инвест, која притоа немала ниту сопствена механизација, ниту пак искуство, ниту пак техничка стручна поддршка од кадар. Значи, фирма без механизација, без багери, без транспортни камиони, без работници, добива тендер од 49 милиони денари, потенцирам договорен во 4 очи помеѓу РЕК Битола и СВ Инвест, за сметка на сериозни компании кои што имаат долгогодишно искуство, а им е раскинат договорот неосновано, обвини Арсовски.

Договорот не е неосновано раскинат, возвратија од РЕК Битола, од каде кажаа дека претходната фирма задолжена за Суводол – „Рубикон“, не го вршела ископот со динамика и количини предвидени во договорот.

За да се заштити комбинатот и да се обезбеди навремена откривка на јагленот за грејната сезона која беше во тек, пристапено е кон раскинување на договорот, и повикување на четири други економски оператори, односни фирми да достават итни понуди за продолжување на ископот. Повикани се Гранит, Машинокоп, ГП Пелистер и СВ Инвест. На повикот се одзваа Гранит и СВ инвест, кои во целост ги исполнуваат законски предвидените критериуми за оваа јавна набавка. Спроведено е непосредно наддавање меѓу пријавените оператори, при што најниска цена понуди СВ Инвест, се вели во реакцијата на РЕК.

Но, за нова, трета, трансакција од 800 илјади евра на контото на „СВ Инвест“, одново информираше Арсовски:

Фирмата СВ Инвест пред само 2 недели земала тендер за Услуга од технолошко чистење на БТО системите во РЕК Битола во вредност од исто така над 800.000 евра односно 49.560.000 денари. Во 3 дена објавивме 3 тендери што ги земала фирмата СВ Инвест која инаку беше поврзувана низ медиумите со картелот на власт и тоа сите 3 тендери се во вредност од над 800.000 евра. За само неколку месеци фирмата СВ Инвест без работници, без механизација, без искуство зема тендери во вредност од над 2.4 милиони евра и тоа дел од нив договорени во 4 очи.

И за овој тендер „СВ Инвест“ поднела најниска цена, одговорија од РЕК Битола:

Тендерот за технолошко чистење на БТО системот (транспортни траки и механизација во рудникот) во РЕК Битола е спроведен во редовна постапка за јавна набавка и преку електронско наддавање. Најниска цена на наддавањето понуди фирмата СВ Инвест. Информираме дека беа распишани уште два тендера за технолошко чистење: во термоелектраната и на отпепелување. На тие тендери исто така учествуваше и СВ Инвест, но најниски цени таму понудија други две фирми, кои на крајот ги добија тендерите.

Додека ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека лица блиски до СДСМ поради личен интерес, личен профит и сомнителни тендери ги цицаат парите на граѓаните од фирмите како РЕК Битола, од владејачката партија одговараат дека преку домаќинско и одговорно работење, Владата предводена од СДСМ ја стабилизира енергетиката и денеска државата продава вишоци на струја, а воведена е и евтина тарифа на струјата.