Huawei го претстави новиот модел паметен телефон

Huawei Mate 30 /REUTERS/Michael Dalder

Кинескиот телекомуникациски гигант „Huawei“ го претстави водечкиот модел „Mate 30“ на презентација во Минхен, кој би требало да биде одговор на моделот „iPhone 11“ на американскиот производител „Apple“, објави во четвртокот вечерта компанијата на својот официјален акаунт на Twitter.

Според Ричард Ју, шефот на одделот за потрошувачи „Huawei CBG“, презентираните новитети според моќноста на батеријата и брзината на новата генерација мобилни мрежи 5G се значително супериорни во однос на конкурентите. Полначот со кабел има моќност од 40 W, а безжичниот од 27 W. Во уредот има вградено 14 антени за прием на 5G фреквенциите.

Покрај тоа, „Mate 30“ е опремен со функциите за препознавањер на лицата и брзо полнење на батеријата.

„Ерата на 5G ни овозможува да ја преиспитаме технологијата на паметните телефони, а моделот ‘Mate 30’ најдобро од сите ги дефинира границите на возможното“, го цитира Forbes Ричард Ју.

Ју притоа го демонстрирал квалитетот на фотографиите на новиот уред, прикажувајќи на „Mate 30“ фотографии од планински пејзаж направени ноќе и ги споредил со слични снимки направени од корејскиот конкурент „Samsung Galaxy Note 10“, на кои не се гледало речиси ништо. „Не се потребни никакви дополнителни апликации за фотографии“, додал Ју.

Компанијата, исто така, го претстави и сопствениот сервис за апликации App Gallery, креирана како алтернатива за Google Play Store, како одговор на санкциите на САД за „Huawei“ поради кои одредени апликации и делови за мобилните уреди од американските производители се недостпани за кинескиот концерн.

Смартфонот „Mate 30“ со 5G ќе чини 1.199 евра, основната верзија ќе се продава за 799 евфа, а моделот „Mate 30 Pro“ ќе има цена од 1.099 евра. Сѐ уште е непонато кога и во кои земји ќе може да се купат новините од „Huawei“.