Huawei потпиша договор за развој на мрежите 5G во Русија

Кинескиот технолошки гигант „Huawei“, кој е на удар на американските мерки, потпишал договор со руската телекомуникациска компанија МТС за развој на технологијата на мобилните мрежи од новото поколенит 5G во Русија, а Кина паралелно го подготвува теренот за градење современа комуникациска инфраструктура на својата територија.

Како што пренесува британскиот јавен сервис BBC во четвртокот, „Huawei“ и МТС договориле развивање на 5G мрежата во текот на следната година. Договорено е „развој на 5G технологијата и започнување пилот проект на мрежите од петтата генерација во 2019 и 2020 година“, се наведува во соопштението на руската компанија.

Потпишувањето на договорот временски се совпадна со тридневната посета на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Русија. Притоа, агенцијата ТАСС цитирајќи го извршниот директор на „Huawei“, Го Пин, кој учествува на Петербуршкиот меѓународен економски форум, пренесува дека кинескиот конзорциум има и намера да соработува во Русија и во развојот на технологиите со вештачка интелигенција.

Договорот претставува и одредено олеснување за „Huawei“ кој последните месеци е под силен меѓунарден притисок. Соработката на кинеската и руската компанија, исто така, е воспоставена во моментите кога група западни земји, предводени од САД, одлучија да го исклучат „Huawei“ од развојот на мобилините мрежи од новата генерација, поради наводните ризици за нивната национална безбедност.

Кинеската компанија се најде во центарот на американско-кинеската борба за превласт која започна во секторот трговија, а во меѓувреме се прели и врз технолошкиот сектор. САД ги повикуваат своите сојузници да го исклучат „Huawei“, најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема, од развојот на 5G мрежите, тврдејќи дека кинеската влада би можела да ги користи нејзините производи за шпионирање. Од компанијата ги отфрлаат ваквите тврдења, и истакнуваат дека се независни од владата во Пекинг.

Кина истовремено продолжува со развојот на инфраструктурата за мобилните мрежи од новата генерација и во четвртокот доделила дозволи на четири компании за развој на 5G мрежи во коменцијални цели, известува агенцијата AFP. Дозволите ги добиле државните телекомуникациски компании „China Telecom“, „China Mobile“, „China Unicp“ и „Cjoma Broadcasting Network Corporation“.

„По издавањето на дозволите за 5G повторно ќе ги повикаме странските компании активно да учествуваат на кинескиот пазар на мрежите 5G, заедно да ги развиваме кинеските мрежи 5G и да ги споделуваме резултатите од тој развој“, напиша министерот за индустрија и информатички технологии Миао Веи на социјалната мрежа Weibo, кинеската верзија на Twitter.

Од „Huawe“ го коментирале соопштението на министерството со пораката дека „во целост ќе ги поддржат“ кинеските оператори во развојот на новите мобилни мрежи. „Веруваме дека кинескиот 5G во блиска иднина ќе биде водечкиот во светот“, порачуваат на социјалните мрежи.