Хук порача дека наследникот на Сулејмани го чека истата судбина ако убива Американци

Претставникoт за Иран и виш советник на државниот секретар на САД, Брајан Хук

Наследникот на иранскиот генерал Касем Сулејмани убиен во американски воздушен напад во Багдад на 3-ти јануари, ќе ја доживее истата судбина ако продолжи по патот на убиавње Американци, порача специјалниот американски претствник за Иран, Брајан Хук, за арапскиот весник на англиски јазик Asharq al-Awsat кој излегува во Лондон.

САД го обвини генералот Сулејмани дека наводно организирал напади на ирачките и други шиитски милиции врз американските сили на Блискиот исток. Американскиот претседател Доналд Трамп лично ја донел наредбата за ликвидацијата на влијателниот ирански воен командант, но Вашингтон не ги објави наводните разузнавачки податоци дека Сулејмани планирал напади врз „четири амбасади“ на САД во регионот.

По убиството на Сулејмани, веднаш на неговата позиција беше именуван Есмаил Гани, исто така командант на специјалните сили Ал Кудс, кои се дел од елитната Револуционерна гарда, за која се вели дека ги изведува операциите во странство. Гани тогаш порача дека ќе го следи „светлиот пат“ на својот претходник и оти целта е да се истераат САД од регионот.

„Доколку Гани ќе го следи истиот пат на убивање Американци, тогаш ќе го снајде истата судбина“, вели за весникот Брајан Хук. Потсетува дека Трамп претходно „јасно рече дека на секој напад врз Американци или американски интереси ќе одговори решително“.

„Тоа не е закана. Претседателот секогаш зборуваше дека решително ќе одговори за да ги заштити американските интереси. Мислам дека иранскиот режим сега разбира дека не може да ја напаѓа Америка и да мине без последици“, вели Хук.

Американската закана со убиство на Гани е знак на „државен тероризм“, одговори во четвртокот портпаролот на иранското минситерство за надворешни работи, Абас Мусави, пренесе иранската новинска агенција IRIB.

„Овие зборови се официјална најава и јасно разоткривање на американскиот насочен и државен тероризам“, вели Мусави и ја повикува меѓународната заедница недвосмислено да ги осуди изјавите на Хук.