Хулио Иглесијас доби 43-годишен син

Хулио Иглесијас доби 43-годишен син. Судот во Валенсија пресуди дека Иглесијас е биолошки татко на 43-годишен маж, со чија мајка бил во кратка љубовна врска во 1975 година.

Ова е правна победа за поранешната балерина Марија Едите Сантос и за нејзиниот син Хавиер Санчес, кој уште пред три децении ја почнал постапката за докажување на татковство. 75-годишниот пејач никогаш не се согласи да даде примерок од ДНК, но судијата заклучи дека постои очигледна физичка сличност. Тој не беше присутен на изрекувањето на пресудата.

Судијата изјави дека Сантос дала веродостојни докази дека била во врска со Иглесијас во времето кога Санчес бил зачнат.

„Госпоѓа Едите имаше афера со Иглесијас во Каталонија во 1975 година и девет месеци подоцна се роди Хавиер“, изјави нејзиниот адвокат.

Санчес поминал 30 години обидувајќи се да докаже дека Иглесијас му е татко. Во 1992 година, Иглесијас го доби случајот на суд, но пресудата беше поништена. Тој има вкупно осум деца од две врски.

Инглесијас (75) продал повеќе од 300 милиони плочи на 14 јазици и е најпродаваниот латино уметник на сите времиња.

Ова му е 9-то дете, а прво вонбрачно.

Три деца има од претходниот брак со Исабел Преислер, меѓу кои е и славниот пејач Енрике Инглесијас. Пет деца има од врската со сегашната сопруга Миранда Ријнсбургер.