Human Rights Watch изрази загриженост од последиците од војната во Украина врз децата без родители

Невладината организација Хјуман рајтс воч (ХРВ)- Human Rights Watch, соопшти дека е загрижена поради последиците од војната во Украина за украинските сирачиња и нивните врсници сместени во згрижувачки семејства. Организацијата ја повика Украина итно да го реформира својот систем за згрижување.
„Војната покажа дека многу деца сместени во центри беа принудени во услови на гранатирање да бараат засолниште во подрумите, без струја и вода, со недели по ред“, пишува оваа невладина организација во извештајот објавен денеска.
Според неа, за време на војната десетици украински сиропиталишта се оштетени или уништени, а многу деца се масовно евакуирани или внатре во земјата или во странство, главно во соседна Полска.
Организацијата го повикува Киев да вложи напори за подобро „следење и проценка“ на таквите деца со оглед на психолошката траума што многумина од нив ја имаат, и воедно изрази жалење поради недостигот на персонал и ресурси за тоа да биде спроведено.
ХРВ ги повика западните сојузници на Киев, главни донатори на системот за социјална грижа во Украина, да ја „поддржат имплементацијата“ на овие цели и да развијат „кохерентна стратегија која обезбедува благосостојба на децата“.
Од почетокот на руската инвазија во февруари оваа година, повеќе од 4.500 деца од Украина од локални згрижувачки семејства се префрлени во странство за да добијат згрижување таму.
Според официјалните податоци цитирани од ХРВ, пред почетокот на војната во домовите за деца без родители во Украина имало повеќе од 105.000 деца, вклучително и сираци, што е „најголем број во Европа по Русија“.