Хуманитарен концерт во чест на Светскиот ден на лицата со хендикеп

Со хуманитарен концерт во Универзалната сала ќе биде одбележан Светскиот ден на лицата со хендикеп
Традионалниот хуманитарен концерт „Аплаузи“, со кој ќе биде одбележан Светскиот ден на лицата со хендикеп – 3 декември, денеска ќе биде одржан во Универзалната сала под мотото „Сакам да пеам можам да пеам – сакам да свирам можам да свирам и сакам да играм можам да играм“.

Концертот е во организација на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ во партнерство со Универзална сала, а ќе настапат деца од специјалните училишта, иснистуции и домови во Република Македонија. Покровител на вториот хуманитарен концерт „Аплаузи“ е Маја Иванова, сопругата на претседателот Ѓорге Иванов. Маја.

Претседателот на Здружението „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ Зорана Костовска на прес-конференција информира дека покрај децата од специјалните установи ќе настапат и познати музички имиња, а концертот ќе го отвори почесниот претседател на здружението Есма Реџепова.

„Пораката на оваа манифестација не е само да се одбележи денот и да се направи некаква донација, туку да се подигне нивото кај сите граѓани со пораката ’Ние сме исто, мојот свет и твојот свет е наш свет’“, рече Костовска.

Претставниците на институциите кои ќе настапат на хуманитарниот концерт, забележаа дека свеста кај граѓаните е на многу ниско ниво и оти овој пат децата ќе бидат забележани на еден поинаков начин, со аплауз.
Со музички настапи и перформанси ќе настапат  деца од посебното основно училиште „Златан Сремац“, Домот за деца без родители „11 Октомври“, државен училишен центар за образование и рехабилитација „Партение Зографски“, специјалното училиште за деца со оштетен вид  „Димитар Влахов“, специјалниот завод за деца и младинци „Иднина“, органзиацијата за лица со хендикеп „Мобилност“, Завод за рехабилитација за деца и младинци и специјалниот завод „Демир Капија“.

Цената на билетот е 100 денари, а средствата ќе бидат наменети за децата со посебни потреби од сите институции што ќе настапат.