Хумелс учи шпански но не мисли на Барселона

Централниот дефанзивец на германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд, Матс Хумелс, потврди дека и понатаму го усовршува шпанскиот јазик но тоа не значи дека каталонскиот гигант Барселона ќе биде неговиот следен клуб.

Шпанските медиуми се убедени дека челниците на Барселона веднаш на стартот од летниот преоден рок ќе испратат официјална понуда за репрезентативецот на Германија и дека истата нема да биде помала од 30 мил. евра.

„Точно дека учам шпански, но тоа го правам уште кога бев во седмо одделение. Искрено ќе ви кажам дека во ниту еден момент не сум помислил на Барселона. Моментално, јас имам само една зацртана цел, да се рехабилитирам од последната повреда и да бидам во комбинација за првенствениот дуел против екипата на Ајнтрахт Брауншвајг. Пред да се вратам на зелениот терен, планирам цела недела да тренирам со полн интензитет. Сакам да се вратам во посакуваниот ритам”, изјави Хумелс.