Ијан ја опустоши Флорида, од ветровите со брзина од 185 км/ч, два милиони домови останаа без струја

Ураганот Ијан вчера ја зафати Флорида, а беше придружен од силни ветрови и обилни врнежи од дожд што предизвикаа катастрофални поплави и прекин на електричната енергија низ оваа американската сојузна држава.

Ураганот, следен од ветрови со брзина од 185 километри на час, стигна на брегот на Кајо Коста, во југозападна Флорида, во 15:05 часот по локално време (21:05 часот по средноевропско време), наведе Националниот центар за урагани на САД (NHC).

Ијан предизвика катастрофални поплави, додаваат од институцијата. Иако беше во 4-та категорија од петстепената скалата Сафир-Симпсон, сега ураганот е ослабен до трета категорија, но сепак има разорна моќ, наведува истиот извор.

Синоќа речиси два милиона домови во Флорида останаа без струја, а повеќето од нив се во близина на патеката на ураганот, јави специјализираната веб-страница PowerOutage.

Во градот Форт Мајерс, поплавите се толку големи што некои населби наликуваат на езера.

Гувернерот Рон Де Сантис синоќа изјави дека ова најверојатно ќе биде „еден од петте најразорни урагани што некогаш ја погодиле Флорида“.