И Чикаго го прогласи септември за месец на македонското наследство и култура

И градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември, јави Гласот на Америка.

– Чикаго е дом на горда и динамична македонско-американска заедница која го зацврсти градот во делот на уметноста и музиката, бизнисот и финансиите, правото и владата, образованието, социјалните услуги, науката и медицината, вели градоначалникот Џонсон во известувањето.

ВОА

Тој истакнува дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава, повикувајќи ги „сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси на македонските Американци“.

На 23 септември во Чикаго треба да биде претседателот Стево Пенадровски, кој ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.

Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.

Во јули годинава, пак, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Гласот на Америка на македонски ja контактираше канцеларијата на сенаторот Брон за статусот на оваа резолуција во моментов, но оттаму се` уште нема одговор.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чие барање беа резолуциите во Мичиген и во Сенатот, ја поздрави иницијативата на грдоналаникот на Чикаго.

– ОМД активно работи секоја држава и град каде има Македонци да прогласи месец на македонско наследство. Ваквата иницијатива почна од 2020 година и ќе продолжи во иднина“, рече коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Мето Колоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.