И денеска гужва на Богородица

Редица возила на создадоа гужва на Богородица. Августовската смена на туристи и продолжениот викенд предизвикаа поголема сообраќајна раздвиженост од вообичаената на овој граничен премин.

Утрово, во краток временски интервал имаше подолго задржување на возилата за излез од Македонија, но не поради должината на царинските формалности, туку поради сообраќајна несреќа кај гевгелиското село Прдејци, која заврши само со материјална штета, изјави командирот Митко Илиев, пренесува Република.

Порталот, повикувајќи се на информации од граничната полиција, пишува дека сите возила што во тој момент биле задржани до расчистување на патот пристигнале речиси истовремено на граничниот премин поради што настанало подолгото задржување.

Од наша страна возилата се пропуштале по задржување од половина час, а на грчка страна тие се задржувале и до еден час и покрај тоа што на преминот Евзони возилата се пропуштаат низ девет ленти. Во моментот на Богородица состојбата е нормализирана. Задржувањето на возилата трае најдолго 15 минути за излез и влез во земјава, информира Илиев.

Инаку, според порталот, на грчката страна на овој граничен премин се чека подолго и покрај тоа што функционираат сите коловозни ленти.

Вчера исто така имаше гужва на Богородица.

Продолжениот викенд создаде огромна гужва на Богородица, каде граѓаните чекаат долго за излез од земјава.

Традиционално и оваа година во пресрет на празникот Илинден, Македонците решија неколкуте неработни денови да ги искористат така што ќе заминат да се релаксираат на некоја од плажите во Грција, па оттаму преминот Богородица е и најфреквентен.

Сакајќи максимално да го искористат продолжениот викенд граѓаните денеска создадоа огромна колона со своите возила на преминот Богородица кон јужниот сосед.

Одреден дел од граѓаните пак, се одлучија слободните денови во пресрет на Денот на Републиката да ги поминат во земјава.

Забележан е зголемен интензитет на сообраќајот на патиштата кои водат до Охрид, Преспа и Дојран кои воедно се и најголеми туристички центри во земјава за да се релаксираат на некоја од домашните плажи.