И денеска околу 1.000 заболени, се отвора интензивната нега во „8 Септември“

Денеска има околу 1.000 новозаболени случаи од ковид-19, изјави министерот за здравство Венко Филипче по прославата на Денот на АРМ во Скопје.

– Вчера во функција е ставено инфективното одделение во „8 Септември“, каде има уште слободни кревети, но обезбедуваме дополнителен простор во делот на интензивната нега. Од вчера попладне во целосна функција се стави модуларната болница до Инфективната клиника. Обезбедивме кадар од другите клиники и од Инфективната клиника. Таму се зафатени десетина кревети а има 60-70 кревети. Имаме и други спремни капацитети, како болницата за рехабилитација во Козле – рече министерот.

Тој објасни дека десетина проценти од сите кои се дијагностицирани во текот на денот се вакцинирани, а исто така десетина проценти од хоспитализираните се ваквинирани.

За 20 пати е помал ризикот од смртност ако заболи вакцинирано лице – нагласи министерот.

Во градовите каде што е повисок опсегот со вакцинација засега нема притисок во болниците. Тоа се Битола, Охрид, Штип, каде има 30 отсто вакцинирани.
Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Според информациите од Министерството, вчера прва доза вакција примиле 11.732 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани.

Досега, во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.

Со последните бројки, 68 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 66 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 62 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.