И догодина нема да има зголемување на пензиите

Пензионерите поворно ќе бидат заборавени, бидејќи и во текот на следната 2018 година нема да има зголемување на пензиите, од проста причина што во Буџетот не се превидени пари за оваа намена и ќе добијат само законско прилагодување од стотина денари.

Согласно законскиот основ за усогласување на пензиите во Република Македонија имаме предвидено средства секако за трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој што има околу 300.000 корисници, преку него – предвидени се 29 милијарди и 158 милиони денари, рече во средата министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Иако е предвидено во Буџетот, бесплатните бањско – климатска рекреација, како и пензионерски викенд, најверојатно ќе важат само уште еднаш и тоа во 2018 година, односно се додека не заврши проектот.

Она кшто го имаа пензионерите, а тоа се бањи и рекреација останува и е предвидено во Буџетот. Сега само што заврши последната тура на пензионери коишто беа на бања и ќе ја информираме Владата дека тоа бањите продолжуваат и во 2018 година, рече Царовска.

Од 2010 година до лани бесплатна бања искористиле 37.193 пензионери, а на бесплатен туристички викенд 4.740 пензионери.

Се подготвуваат и промени во пензискиот систем. Надлежните министерства разгледуваат повеќе опции за да се одржи фондот на долг рок.

Во игра се повеќе опции – подигање на старосната граница, раст на придонесите, промени во коефициентот за пресметка на пензии, намалување на процентот кој се одлева во приватните пензиски фондови – засега е неизвесно која ќе преовлада, Владата не коментира на оваа тема.