И Џејмс Бонд го поздрави враќањето на „Астон Мартин“ во Формула 1

По пауза од 60 години, екипата на „Астон Мартин“ се враќа на трките во Формула 1, претставувајќи го денеска новиот болид „AMR21“ во кој во новата сезона ќе возат Себастијан Фетел и Ленс Строл.

Екипата позната во минатото како „Рејсинг Поинт“, беше преименувана во текот на зимата, откако сопственикот Лоренс Строл ја презеде контролата врз управувањето со „Астон Мартин“.

Новата екипа сега го носи името „Aston Martin Cognizant F1 Team“ и за прв пат ќе учествува во Формула 1 од 1960 година.

Претставувањето на новиот болид се очекуваше со особено внимание, а поддршка на новиот тим во Формула 1 му дадоа многу познати личности. Меѓу нив се најде и Даниел Крег, актерот кој го глуми измислениот лик на тајниот британски агент Џејмс Бонд, кој често во своите филмови вози автомобил од марката „Астон Мартин“.

„Сакам да и честитам на екипата на „Астон Мартин“ на враќањето во Ф1 за првпат од 1960 година. За мене лично, а верувам и за сите други љубители на Ф1, претставува неверојатна возбуда да го видиме „Астон Мартин“ како повторно се трка во своето култно „Астон Мартин рејсинг грин“ издание“, порача британскиот актер во видео обраќање.