Македонија остана покуса за еден фудбалер во тимот за дуелите со Украина и Англија, затоа што Ваљон Етеми го откажа настапот за националниот тим.
Причината што крилниот играч на Истанбулспор нема да биде во составот е повреда, за тоа веќе го информирал селекторот Благоја Милевски. Ова е уште еден проблем во офанзивната линија затоа што од претходно Дарко Чурлинов и Бојан Миовски принудно ги откажаа настапите.
Засега, предводникот на најдобрата селекција на Македонија нема да повикува нов играч, а од ФФМ најавија дополнителни информации ако се повика ново име во составот.
Македонија прво дома игра со Украина, а потоа гостува кај Англија на „Олд Трафорд“.