И Италија и Британија пад на бројот новозаразени, во Франција раст на коронаинфекциите

Италија и Велика Британија во саботата пријавија пад на бројот на новозаразените со коронавирусот во изминатите 24 часа, додека од Франција има информации за раст на бројот на новозаразените и починатите, пренесуваат агенциите.

Италија потврдила 37.255 нови зарази во последните 24 часа, објави во саботата министерството за здравство, откако ден претходно беа потврдени 40.902 нови случаи на коронаинфекции. Починале уште 544 луѓе, шест помалку отколку ден претходно.

Вкупниот број заразени лица кај кои е потврдена инфекција со коронавирусот од почетокот на епидемијата во Италија во февруари, сега изнесува 1.144.552 лица. Бројот на починатите во овој период се искачи на 44.683 луѓе. Во моментов активни се 688.435 случаи, или за 24.509 повеќе од ден претходно.

Во саботата хоспитализирани се 484 лица со симптоми на Covid-19, со што вкупниот број згрижени во италијанските болници денеска изнесува 31.398, според податоците на министертвото за здравство. Во домашна изолација има 653.731 лица.

 

Во Велика Британија во последните 24 часа се потврдени 26.860 нови случаи на коронавирусот, што претставува благ пад во однос на претходниот ден кога имаше 27.301 инфицирани. Или вкупно од почетокот на епидемијата во земјата се забележани 1,37 милиони случаи на заразата.

Бројот на починатите, меѓутоа, е зголемен во однос на петокот. Во саботата беше соопштено дека во последните 24 часа починале 462 лица, наспрото 376 починати во петокот. Во Велика Британија досега починале 51.766 лица.

Претходната сабота беа потврдени 24.957 случаи на зараза и 413 смртни исходи, што покажува дека оттогаш има мало зголемување.

Заразите и смртните случаи од коронавирусот во Британија се зголемуваат во последните неколку седмици, со потврдени нови 33.470 случаи во четвртокот, што беше најголемиот потврден досега број на зарази од почетокот на епидемијата во замјата.

Во Британија постои уверувањето дека бројката на случаите на коронаинфекции во текот на пикот на епидемијата во април, најверојатно, биле потценети бидејќи помалку луѓе биле тестирани.

Неодамнешното истражување на Канцеларијата за национална статистика (ONS) процени дека 654.000 луѓе имало Covid-19 надвор од болницата во Англија во периодот меѓу 31-ви октомври и 6-ти ноември, што е околу 1,2 отсто од населението.

 

Во Франција агенцијата за јавно здравје при министерството за здравство соопшти за 32.095 нови случаи на коронаворусот и вкупно бележи 1.954.599 заразени од почетокот на епидемијата во февруари.

Во болниците во последните 24 часа починале уште 359 луѓе, или вкупно 44.246 од почетокот на епидемијата.