Од синоќа поранешната специјална обвинителка и второобвинета во предметот „Рекет“, Катица Јанева со одлука на Апелациониот суд е во домашен притвор. Јанева помина повеќе од три месеци во ќелија во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Од неколкумина обвинети или осомниечни во случаите „Рекет“ и „Рекет 2“ единствено уште Бојан Јовановски познат како Боки 13 се наоѓа во затворски притвор. Уште пред неколку месеци во домашен притвор е третоосомничениот Зоран Милевски Кичеец. На слобода е пратеничката на СДСМ и потпретседател на Собранието, Фросина Ременски кој се сомничи во „Рекет 2“.
РРеменски е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела кои му се ставаат на товар на Јовановски. Според истрагата, таа како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувала на средбите организирани од Јовановски, при што го искористила својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт. Во овој случај, Јовановски се товари дека изнудил околу еден милион евра.
Имајќи ги овие информации предвид логично е прашање дали за кратко уште пред почетокот на судењето за „Рекет“ и Јовановски може да се надева дека ќе го напушти Хашкото одделение на Шутка.
Неговиот адвокат Звонко Дуковски, токму вчера на денот кога Јанева е ослободена од притвор, одржа прес конференција во која изнесе тврдења дека Боки 13 е во животозагрозувачка состојба поради сериозно влошување на неговото здравје. Дуковски тврди дека никој не сака да потпише за Боки 13 да биде пренесен во болница.
Но, со ова не се согласува обвинителката која го води предметот, Вилма Русковска. Таа вели дека според медицинската документација која таа ја добила за здравствената состојба на првообвинетиот тој е со добро здравје.
За опозициската партија ВМРО ДПМНЕ вчерашната одлука Јанева да се ослободи од притворот во Шутка е смислено сценарио на власта.
„Ослободувањето од притвор на Катица Јанева е воедно и срамно и смешно. Нема јакна што ќе може да го покрие срамот на ова Кацарска судство и Русковска обвинителство. Најпрвин негираа дека има случај, па негираа дека има вмешаност на политичари, па најпосле се испостави дека навистина се вршел Рекет и во истиот биле вмешани и политичари и СЈО и се останато и случајно сите ги изгубија мобилните телефоните“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Премиерот Зоран Заев денеска одби да ја коментира одлуката на Апелација за ослободување на Јанева. Се повика на извештајот Прибе и препорката дека судските одлуки не се коментираат од политичари. Но, вчера рече дека притворот не треба да биде казна без разлика за кого се работи.