И кралското семејство беше на премиерата на новиот филм за Џејмс Бонд, Крег нетрпелив (ВИДЕО)

Откако премиерата беше одложена неколку пати поради пандемијата, конечно е прикажан филмот „Нема време да се умре“ за британскиот таен агент Џејмс Бонд.

Големата премиера, прва од многуте светски премиери, се одржа во Ројал Алберт Хол во Лондон.

Со овој филм, Даниел Крег се збогува со улогата на Џејмс Бонд. Се појави на црвениот тепих во розова јакна, бела кошула и црни панталони. Актерките Леа Сејду, Ана де Армас, Лашана Линч и Наоми Харис одеа покрај Крег.

“Ние не правиме филмови за себе, туку за други. Едвај чекам луѓето да го видат филмот. Пред една година ова ми изгледаше како сон”, рече Даниел Крег пред премиерата, објавено е на официјален Инстаграм профил на франшизата Џејмс Бонд.

На премиерата во Лондон се собраа бројни познати личности, меѓу кои принцот Чарлс и неговата сопруга Камила и принцот Вилијам со Кејт Мидлтон.

Кејт се појави во прекрасен блескав фустан со длабоко деколте дизајниран од Џени Пакхем. Фустанот чини 2.800 фунти, пишува Daily Mail.

Филмот ќе започне да се прикажува во Британија овој четврток, а во САД на 8 октомври, година и пол подоцна од најавеното. За Даниел Крег, ова е петта и последна улога на харизматичниот агент на британската тајна служба.