И малите деца во Македонија не веруваат дека бизнисмен и едно евро би му дал, а не пак тешки милиони на Боки 13, ако не знае дека зад него стоела цела структура на СДСМ

Премиерот Зоран Заев го поведе судскиот спор за наводна клевета поради стравот и паниката од обелоденивањето на еден од најголемите коруптивни скандали од постоењето на Македонија, случајот „Рекет“, во кој сепак подоцна се покажа дека е директно инволвиран, смета потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој во разговорот за НетПрес посочува дека во актуелнаа состојба во македонскиот правосуден систем остануваат затскирени од јавноста мноштво скандали и афери на актуелната власт.

*Во судскиот процес кој го поведе Зоран Заев против Вас за наводна клевета во дел од изјавите поврзани со коруптивниот сканда „Рекет“, од Вашите изјави се добива впечатокот дека сте оптимистичен во врска со конечниот исход?

Николоски: Имаме, би рекол еден несекојдневен случај, затоа што не е вообичаено, не е демократски, премиерот, најмоќниот човек во даден момент во државата, да тужи опозициски политичар, во случајот мене, како потпретседател на најголемата опозициска партија, а за јавно изнесени ставови. Тоа е сѐ освен демократија. Инаку, ова не е прв ваков напад врз мене, претходно во периодот 2018/2019 година имав процес со неговиот брат Вице Заев, а сега еве и со Зоран Заев.

Да повторам, во аргументите во самата тужба, Заев ме тужи дека наводно сум го наклеветил затоа што во август 2019 година сум изјавил во врска со аферата „Рекет“, дека не е рекетиран само еден бизнисмен, туку дека се рекетирани повеќе бизнисмени и дека изрекетираната сума не е милион до милион ипол евра, како што се зборуваше тогаш, туку дека надминува вкупен износ од 20 милиони евра, дека станува збор за една добро организирана шема а не за случајност, дека речиси целото партиско водство на владејачката СДСМ е дел од пирамидата, а дека на врвот од таа пирамида е лично Зоран Заев.

Сето тоа се нешта коишто времето ги потврди. Имено, во тој временски период власта се обидуваше да го минимизира скандалот, тврдејќи дека тоа е само изолиран случај во кој се вклучени сопственик на еден поранешен медиум и сега веќе поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, дека станува збор за изнуда од само еден бизнисмен, како и дека власта нема ништо со тоа. Но, набрзо потоа во јавноста излегоа сознанијата дека се работи за добро организирана шема. Тие сознанија, јас делумно ги поседував од луѓе кои доаѓаат во партијата и изнесуваа свои сознанија, да ги наречеме „свиркачи“, и во текот на летото, но и пред да биде отворена аферата „Рекет“ тие сигнализираа дека станува збор за многу организирана шема.

Овие сознанија јас ги изнесов во јавноста и не беше демантирано, по двесеттина дена повторно ги изнесов во јавноста и еве поради тоа Зоран Заев реши да се пресметува со мене во суд, претпоставувам очекувајќи дека во моментов во Македонија нема судија кој ќе пресуди против премиерот, односно против него, поради страв и политички притисок. Меѓутоа, знам дека аргументите се на моја страна, веќе презентирав бројни докази, дел беа видени на последното рочиште во судот, така што очекувам да ќе го добијам случајот.

*Лично, како ја оценувате реакцијата на Заев во однос кон Вас, имајќи предвид, како што и самиот споменавте, дека е многу невообичаено поведување ваков судски спор меѓу политичари? Што мислите, кои од Вашите бројни изјави во врска со „Рекет“ конкретно и најмногу го погодила Заев?

Николоски: Мислам дека станува збор за страв и паника во тие моменти кога ја поднесе тужбата за клевета, затоа што ова трае веќе неколку рочишта. Сметам дека беше исплашен дека вистината ќе излезе на виделина, но вистината излезе и со и без моите изјави и факт е дека тој е на врвот на оваа рекетарска пирамида, како што е и факт дека е прашање на време кога и самиот тој ќе биде процесуиран во случајот „Рекет“.

Дел од неговата одбрана е дека тој прв го пријавил случајот. Но, тука има два момента. Прво, немаме никаков писмен доказ дека Заев го пријавил случајот во обнинителството. Да потсетам, уште минатата година барав да изнесе писмен доказ деке пријавил, затоа што законот е јасен и кога пријавувате потенцијално кривично дело мора да добиете писмена белешка, записник дека сте го сториле тоа, без разлика дали тоа било направено телефонски или лично.

И вториот момент за кој, исто така, мислам дека е значаен за потсетување е што дури и Заев да го пријавил случајот, тоа што некој се јавува како пријавител не значи и дека не е сторител на кривичното дело. Честопати има случаи кога оние коишто сториле кривично дело го пријавуваат или за да добијат полесна казна или, пак, надевајќи се дека ќе ја однесат истрагата во друга насока, односно ќе ги сокријат своите траги, па по извесно време надлежните органи тоа го откриваат. Така што и тврдењето дека наводно го пријавил случајот не го амнестира и од вината и од одговорноста.

*Се чини, исто така, како одвај да го чекавте процесот со Заев. Дали од тоа може да се претпостави дека во текот на следните рочишта ќе бидат обелоденети и поединости кои ќе дадат нови сознанија за самиот случај „Рекет“?

Николоски: Последното беше веќе трето рочиште. На првото, подготвителното, беа презентирани моите и неговите докази, па имаше продолжение на тоа и минатата седмица имавме рочиште на кое беа презентирани материјални докази. Тоа е една изјава на сега осудениот Бојан Јовановски во којашто вели во смисла: „парите од рекетот барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, како и целосниот тек на мојата изјава. Во април е закажано следното рочиште на коешто треба, условно кажано, да се соочиме, при што и јас ќе треба да направам распит на Зоран Заев.

Решив пред судот да се бранам сам, од едноставна причина што немам доволно пари да плаќам адвокати и да ги задоволувам хировите на семејството Заеви, зашто тие може да решат да ме тужат уште десет пати. И втората причина е што сметам дека правдата е на моја страна, и имам доволно правно знаење за да се одбранам самиот. Наспроти тоа, Зоран Заев го застапува најскапиот адвокат во државата, што претставува една јасна вертикала и јасна разлика, кој каде е во овој случај.

*Но, дали Вие лично или, пак, ВМРО-ДПМНЕ како партија, поседувате некои сознанија за случајот „Рекет“ кои во текот на процесот останаа недоволно и воопшто беа разјаснети?

Николоски: Има многу сознанија. Дел од нив се излезени во јавноста, со дел јавноста сѐ уште не е запознаена. Голем дел ги има во судскиот процес и очекувам и многу работи да се отворат во овој судски процес кој се води како „Меѓународен сојуз“ или „Рекет 2“. Но, останаа и работи кои се затскриени, а кои може да произлезат од случајот „Рекет“. На пример, она што јавноста претходно го нарече афера „Рекет 2“, којшто беше поврзан со потенцијално рекетирање на бизнисмени вклучени во одредени проекти во здравството, како што беше снимката којашто се појави во јавноста, на којашто Ден Дончев како тогашен директор на Фондот за здравствено осигурување, трпа пари во торба и каде што првпат видовме во јавноста македонски политичар или функционер да зема пари.

Сметам дека може да се добијат и некои сознанија за еден сличен случај, поточно за митото коешто објавените снимки наводно го дал контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и на Зоран Заев, каде што се споменува давање одредена сума пари, па дополнително уште два милиона евра.

Но, има и мноштво случаи кои се слични на овој, како што е на пример и случајот „Леонардо“, во кој повторно се споменува Рашковски со набавката на радар за МАНАВ поскап за милион евра од пазарната цена, па случајот со проектот за јавно приватно партнерство и набавката на хеликоптери за итна медицинска помош во износ од 72 милиони евра, во услови кога во повеќе места низ државата не е вложено ниту во обични амбуланти. Има бројни случаи на дневна основа се појавуваат во јавноста и коишто во едно ослободени судство и обвинителство се надевам дека ќе бидат дел од голем процес во којшто ќе биде откриен целокупниот криминал и корупција на оваа власт.

Исто така, очекувам да се отворат и некои прашања за влијанието на власта врз судството, она познатото „трас-трас судство“.

*Како го оценувате самиот тек на процесот „Рекет“?

Николоски: Тука се работи за една многу едноставна практика, кога страдаат т.н. ситни риби, а не се ловат крупните. Беше примената тактиката „контрола на штетата“, во која ќе бидат обвинети и осудени одредени помалку значајни или спорадични учесници во коруптивниот случај, а сите други, во прв ред политичките фактори да се спасат. Меѓутоа, спас од правдата нема да има.

*Очиглено сметате дека и покрај ригорозните казни изречени кои во случајот „Рекет“ беа изречени за оние кои беа прогласени за виновни, не сте убедени дека со нив е задоволена правдата?

Николоски: Не сум убеден, затоа што мислам дека не се дојде до врвот на пирамирата. Да, апсолутно мислам дека овие кои сега се осудени се виновни, но сметам дека е премногу наивно да се тврди дека само тие стојат зад целиот овој случај. И малите деца во Македонија не веруваат дека бизнисмен и едно евро би му дал, а не пак тешки милиони на Бојан Јовановски, доколку не знае дека зад него стои целата таа структура на СДСМ.

*Како политичар, како го оценувате македонскиот правосуден систем по доаѓањето на власт на СДСМ и по обелодувањето на случајот „Рекет“, во кој еден од главните протагонисти беше поранешната претседателка на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева?

Николоски: Комплицирана е работата со македонското правосудство. Би го поделил на три дела: има луѓе коишто чесно си ја вршат работата и апсолутно не може да им се најде никаква забелешка. Но, има и такви коишто не судат според законот, туку онака како што мислат дека оние коишто ја имаат моќта во државата би сакале тие да судат, некои тоа го нарекуваат клиентелизам, но јас тоа повеќе би го опишал како страв, кога обвинителот или судијата претпоставуваат што некој моќник би сакал да се случи во еден конкретен судски процес и така го водат без да добијат никаква интервенција. И тоа не се случува само последните четири/пет години, станува збор за еден континуитет во македонското правосудство, ако сакате уште од времето на поранешната Југославија.

И третиот е директниот притисок и влијание врз судството по неколку основи, а пред сѐ, се манипулациите во републичките Судски и Обвинителски совет. Имено, од 15 члена на Судскиот совет 10 се од редот на судиите, а пет се избрани од власта односно од мнозинствтото во парламентот. Сега првпат во историјата на Македонија во ова тело имаме пет претставници на власта кои не се судии, а со новите измени во законите следниот претседател на Републичкиот судски совет да биде кој не е судија, а треба да ја оценува работата на судиите и да врши избор на судии.

Исто така, и натаму е многу јасно кога одреден адвокат ќе се појави во одреден процес која е пораката кон судијата или обвинителот, како што, исто така, сѐ уште е јасно дека одредени процеси се забораваат во фиоките, предметите започнуваат од ново, па судијата поротник одеднаш да се откаже или намерно се именуваат поротници кои треба наскоро да одат во пензија. А, од друга страна, пак, имаме предмети кои одат на „брза лента“, во зависнот кој како ќе се испазари со Зоран Заев, така и одат предметите.

Самите анкети покажуваат дека граѓаните се најнезадоволни од судството, и не само од ова високопозиционирано судство како Кривичниот, Врховниот и Уставниот суд, туку и од општинските локални судови, затоа што јавна тајна е, особено во помалите средини, дека ако некој влезе во судот и нема финансиска можност да направи шема преку адвокатот, обвинителот и судијата, и најправ да е ќе биде осуден. Тоа е очајот на македонското правосудство.