И ноќеска граѓаните дишеа отровен воздух

Граѓаните на Скопје и другите општини се гушеа во екстремно загаден воздух. Концентрацијата на пм10 честичките на некои места беше и до 5 пати над максимално дозволеното ниво, пренесува Канал 5.

Граѓаните да плаќаат двојно поскап паркинг во деновите на енормно загадување. Оваа краткорочна мерка треба да биде разгледана на следната седница на Советот на Град Скопје. Ова ќе се однесува за сите 28 јавни паркинзи со кои стопанисува градот. Оваа мерка ќе се активира во случај на екстремно високо загадување во неколку последователни денови. Властите велат дека со оваа мерка дополнително ќе се поттикнат и граѓаните да користат јавен превоз наместо автомобил во деновите со големо загадување.

Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје за да се стимулираат граѓаните кои патуваат во овој дел од градот да користат јавен превоз со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот, велат градските власти.

Во меѓувреме мерните станици повторно покажуваат алармантни бројки. Вчеравечер во Аеродром се измерени 460 микрограм ПМ10 честички на метар кубен, што е 8 пати над дозволената граница. Во Ректорат, пак, оваа бројка била 10 пати над дозволеното.

Како една од активностите кои градот ги преземаше изминатиов период беше и засадување на нови дрвца. Сепак, на порталите се објавуваат фотографии од негрижата на граѓаните за новите садници. Дел од младите дрвца кои пред недела дена беа посадени на булеварот „Теодосиј Гологанов“ беа оштетени од непрописно паркираните автомобили.

Дека загадениот воздух ќе биде присутен и на почетокот од месецов покажува и временската прогноза за наредната недела. Дневните температури ќе достигнат и до 15 степени целзиусови, невообичаени за овој период од годината, а вечерните ќе се спуштат и до -5.