И покрај напорите на европските земји, расте бројот заразени со коронавирусот

Padova, Italy, 23 February 2020. ANSA / Nicola Fossella

Новиот коронавирус Covid-19 не покажува знаци на повлекување, покажуваат новите случаи на заразата во повеќе европски земји во неделата, и покрај напорите на властите да се спречи неговото ширење.

Здравствените работници забележаа повеќе нови случаи во неколку европски земји, вклучително и во Италија каде што севкупниот број заразени порасна на 1.129 лица, а починаа 29 луѓе.

Луксембург е последната во низата европски земји во коишто е потврден првиот случај на новиот коронавирус. Станува збор за 40-годишник кој на почетокот од седмицата се вратил дома од Италија преку белгискиот аеродром Шарлроа, извести луксембуршката министерка за здравство Паулет Ленер, додавајќи дека мажот добро закрепнува.

Од германскиот Институт „Роберт Кох“ во неделата претпладнето објавија дека бројот новозаразени во Германија се удвоил од 66 на 117 случаи.

И Финска во неделата извести за петтиот случај на зараза со коронавирус. Новозаразените се ученик и пензионер. Двајцата биле во близок контакт со инфицирана жена која допатувала од Италија.

Во соседна Шведска сасега се регистрриани 13 случаи, во Норвешка 15, во Хрватска 7 а во Данска три случаи.

Бројот на новозаразените се зголемува и покрај тоа што властите во некои земји ги одложија или откажаа повеќето важни масовни настани во Европа. Меѓу нив се Женесвскиот саем на автомобили, Берлинскиот туристички саем ITB, Миланскиот саем за мебел и Светскиот трговски конгрес за мобилни телекомуникации кој традиционално се одржува во Барселона.

Иранското министерство за здравство извести дека уште 11 лица починале како последица од коронавирусот. Вкупно во оваа земја починале 54 пациенти, што е најголемиот број починати од коронавирусот по Кина.

Во неделата 64 земји и територии во светот известија за вкупно 87.565 заразени, а од последици од инфекцијата досега починале 2.990 луѓе, според статистиката што ја води агенцијата AFP повикукувајќи се на официјалните податоци кои ги објавија националните власти до 12 часот во неделата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.