И покрај противење на институции, владините служби упорни за спроведување на проект на Рашковски во сферата на акцизните стоки

Генералниот секретаријат на Владата веќе подолго време го турка проектот за „јавно приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра“, и како што пишува во вторникот МКД.мк, Царинската управа е против ваков проект, кој всушност значи одземање на нејзините надлежности и работа, но поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е упорен во тоа овој проект да се спроведе.

Иако, како што пишува ресурсот МКД.мк повикувајќи се на владини извори, повеќе државни институции се против овој проект (Царинската управа, МВР, Агенцијата за национална безбедност…), владините служби се упорни во тоа да се проба со вакво јавно приватно партнерство (ЈПП). Веќе се одржуваат работни средби на надлежните институции, направена е физибилити-студија, но проектот на Рашковски никако да добие одобруање за следниот чекор. Еднаш овој проект веќе бил повлечен од владина седница.

„Најголемиот противник на ваквиот проект, разбирливо, е Царинската управа. Ваквото ЈПП всушност значи одземање на надлежностите на царината и префрлање на дел од нив за акцизните стоки (цигари, алкохол, гориво…) на некоја приватна компанија. Прашањето е едноставно – зошто би влегувале во ваква авантура кога тоа го работи токму царината, а според сите извештаи тоа и успешно го прави. Информација за ова добила и Канцеларијата на ЕУ во Македонија за усогласеноста со правото и практиката на Европската Унија.

Во ноември и декември расправата за овој проект веќе забрзано се спроведува. Од актуелниот раководен состав на Генералниот секретаријат на Владата (по смената на Драги Рашковски) засега велат само дека тие не се запознаени со ова и дека е тоа дело на Рашковски. Кога се обративме кај Рашковски, тој ни рече дека одговори на нашите прашања за овој проект треба да бараме од новиот генерален секретар на Владата“, се наведува во написот.

За ова молчат и од Министерството за финансии, а МКД.мк од таму не добиле одговори на нивните прашања.

Она што го поседува како сознаени порталот, е дека на 30-ти ноември се одржала „координативна средба“ на која претставниците на Царинската управа уште еднаш кажале дека тоа не е добра идеја. На состанокот присуствувале и претставници на Министерството за финансии и на Генералниот секретаријат.

„Цариниците дале негативно мислење за почнување постапка за доделување договор за ЈПП за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра. Одговорот на Царинската управа е едноставен – нивниот систем за електронско управување и следење на акцизните добра функционира.

Царинската управа смета дека постапката за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за воспоставување електронски систем за следење на акцизни добра (за што веќе е изработена и физибилити-студија) треба привремено да запре. За еден ваков проект неопходни се и промени во правната рамка за следење на тутунските производи и воспоставување законска основа за воведување систем за маркирање на горивата во Македонија“, се наведува во текстот.

Според изворите на порталот, и министерствата за здравство и за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања добиле задача да ги усогласат протоколите за елиминирање на нелегалната трговија со акцизните стоки. Ова значи дека проектот и натаму е во процедура, и покрај сите негативни мислења на дел од надлежните државни институции.

Пред само една година Рашковски имаше друг проект за јавно приватно партнерство. Тогаш тогашниот генерален секретар на Владата за својот проект за итна хелокоптерска помош и спасување (Сархемс) изјави дека „ова е прво ремек-дело на Владата за граѓаните и тоа ќе ги чини 0 денари“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.