18.8 C
Skopje
вторник, април 16, 2024

И покрај многуте победници – Македонија поразена

страшо ангеловски

После седум дена од завршувањето на вториот круг на претседателските избори, покрај сите изрелативизирани резултати, претставени од оваа или онаа страна, прочитани на ваков или онаков начин, протолкувани од секого како несомнена победа, само едно нешто е повеќе од јасно – Македонија е дефинитивно поразена.

И, што е најтажно, а што секој од нас со малку доблест мора да си го признае, не е поразена ниту на бојно поле, ниту при воена агресија. Македонија е поразена од нас самите, од Македонците. Македонија е поразена од нашите делби, од нашите децениски меѓусебни омрази посеани од големодржавните амбиции на нашите соседи, од „филствата“ платени со малку туѓа идеологија и многу „жолтици“ и привилегии. И токму тие, нашите нови „пријатели“, нашите соседи, задоволно тријат раце заради поразот на Македонија.

Да одиме по ред:

Каква порака испративме до меѓународната заедница?

За цело време на предизборната кампања, контролираните неолиберални медиуми од државава испраќаа монтирана порака до целиот свет дека на претседателските избори ќе се избира меѓу кандидатот на власта кој е „несомнено проНАТО, проЕУ и што беше најмногу експлоатирано, човек со 102,5 отсто поддршка за „Преспанскиот договор“ и кандидатот на опозицијата, кој се спротивставува токму на овие „вредности“. Не докрај точно, но пораката беше испратена – Македонија избира меѓу поддржувач на договорот од Преспа, промената на името и „придобивките“ од тој чин и, можен иден претседател, кој во рамките на своите можности, ќе го успорува и кочи токму тој процес, кој нели носи иднина за нас и за регионот.

Сега, после објавувањето на резултатите од вториот круг, после победата на Пендаровски, „меѓународната заедница“ во своето толкување е јасна и децидна. Според неа, не постои сомневање дека граѓаните на Република Македонија избрале да го прифатат договорот од Преспа и промената на името заради НАТО и ЕУ иднината. За нивната медиумска пропаганда не постојат чувства заради кои некој не излегол на гласање, не постојат „бојкотирачи“ платени да одработат пораз на опозицијата и вистински бојкотирачи на кои срцето така им говори. Не постојат неизлезени гласачи од овие или оние причини, што ние го форсираме како некакво оправдување и поинакво толкување на резултатот. За нив постои само егзактниот јазик на бројките, кој кога ќе го пренесат на своите гледачи, слушатели и читатели јасно говори дека граѓаните на Република ……. Македонија со изборот на заговорникот на промена на името на државата, се согласни со тој чин. За нив, за жал, не постојат ниту гласачи Албанци и гласачи Македонци, кои придонеле за ваков резултат, што ние повторно го форсираме како некакво оправдување и поинакво толкување на резултатот. За нив, повторно постои само бруталниот јазик на бројките. Со тоа тие самите себе си’ си потврдуваат дека нивната политика за решавање на македонското прашање е исправна и дека треба така да продолжат. Да продолжат по патот на бришење на македонското постоење, зашто Македонците се согласни со тоа.

Каква порака можевме да испратиме со победа на опозицијата?

Се ќе беше поинаку доколку победеше кандидатот на опозицијата. Во тој случај тие самите, „меѓународната заедница“ и нејзините неолиберални медиуми, ќе влезеа во замката на тезата која упорно ја пласираа дека кандидатот на опозицијата е против договорот од Преспа и дека ќе биде кочничар во натамошното негово имплементирање. Во тој случај ќе мораа да признаат дека мнозинството од граѓаните не се согласува со политиката на насилно инсталираното мнозинство, вклучително и договорот од Преспа. Во тој случај од Република Македонија ќе добиеја порака дека нивната политика во решавањето на македонското прашање е погрешна и неприфатлива и дека одредбите од преспанскиот договор не треба да се имплементираат. И можеби немаше да успееме да го сопреме уништувачкиот процес за Република Македонија и македонскиот народ, но барем ќе испратевме порака дека не се согласуваме, дека не прифаќаме, дека одбиваме, дека се спротивставуваме. Ќе ја испратевме вистинската порака која мнозинството ја носи во себе, но, за жал, не успеа да ја испрати. Порака која се испраќа со борба, а не со молк. Порака како онаа, која од пред повеќе од сто години во себе ја носел целиот македонски народ во својот вековен молк, ама ја испратиле само Гемиџиите со своите дела. Зашто молкот не стасува до тврдите уши на креаторите на балканската иднина и балканските карти, во кои нема иднина за Македонија. Барем не онаква каква мнозинството од македонскиот народ посакува.

Каква порака би испратиле со бојкот?

Прво,да ги поделиме нештата за да бидат јасни.

Бојкотот едноставно не беше можен во првиот изборен круг од најмалку две причини. Првата е што и со неучество на опозицијата, првиот круг ќе беше успешен бидејќи не е предвиден никаков цензус за негова успешност. Така, секако ќе влезевме во некаков втор круг на избори. Втората, онаа заради која опозицијата и доколку не сакаше, мораше да учествува, е подготвеноста на власта да симулира избори, или поточно речено, да си создаде свој противкандидат со опозициска провиниенција. Дали тоа ќе беше човек кој вистински ќе веруваше дека е толку омилен кај гласачите што би победил и без поддршка од комплетната партиска опозиција; дали ќе беше човек од десниот кампус кој ќе беше платен за да учествува, дали ќе беше човек кој со нешто ќе беше уценет за да учествува, сеедно. Но,тоа беше планот Б на инсталираната власт.

И, доколку и покрај тоа некаков бојкот успееше во вториот круг и имавме неуспешни избори, „меѓународната заедница“ и нејзините медиуми повторно, како со резултатот од Референдумот, ќе ги изрелативизираа резултатите и, неизлегувањето на изборите кај нивната јавност (а, за нив е единствено таа релевантна зашто е нивно гласачко тело), ќе беше прикажано како незаинтересираност на граѓаните на државава за релативно неважни претседателски избори. Така, бидејќи никој од гледачите Германци, Французи, Канаѓани, Аргентинци, Лапонци… немаше да добие претстава за нашите чувства за негласање, за нив тоа ќе беше според сервираните бројки само доказ за незаинтересираност на гласачите. Како што впрочем и ние како македонска јавност ги прифаќаме резултатите од, да речеме изборите во Полска, Бразил, Нигерија… Ги прифаќаме како бројка, а не како чувства на оние кои гласале за едниот, за другиот кандидат, или воопшто не гласале.

Со еден збор, бојкотот во однос на испраќање порака кон конзументите на вести, како дел од граѓанската јавност во државите од „меѓународната заедница“, ќе беше куршум испукан во празно, односно македонскиот народ не ќе можеше да ја испрати посакуваната порака.

Вака за жал бојкотот, кои многумина го прифатија чесно и искрено, како начин на нивна битка за Македонија, за разлика од некои други, кои го прифатија како обид за политичко етаблирање, или како „тезга“ за некој долар од иселениците, уште долго ќе остане поле за наоѓање предавници и патриоти, поле за меѓусебни омрази и навреди, плодно поле за одработувачите на македонските делби.

Само едно е сигурно – ние, оваа генерација Македонци, со своите делби и омрази успеавме да ја поразиме Македонија. Да се надеваме дека ќе дојде генерација која ќе успее Македонија да ја издигне од поразот.

 

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес